Случајот Трескавец затворен - никој не е виновен за пожарот на манастирот
Основно јавно обвинителство во Прилеп го затвори случајот за пожарот што на 4-ти февруари 2013 година до темел ги пеплоса конаците на манастирот Трескавец.
Според јавниот обвинител Милка Спиркоска, од доказниот материјал не произлегуваат основи за сомневање дека е сторено кривично дело и нема да се поведе постапка против одреден сторител.
- Од доказниот материјал произледе дека пожарот почнал во собата број 6. Настанал од искра во затворениот преден дел од оџакот каде што паѓале саѓи од ложењето на ќумбето во манастирската соба. Искрата останала во долниот дел на оџакот, настанало жарење и тлеење кое траело можеби 20-ина часа. Од високата температура се запалила блиската дрвена ламперија и пожарот многу брзо се проширил, вели Спиркоска.
Уште во 1990 година по тогашниот катастрофален пожар при реконструкцијата на конаците, искористени се вековните оџаци, но во добар дел во собите се затворени.
- Оџаците се дамнешни пред неколку века, а во собите во форма на отворени камини. Но, при реконструкцијата на конаците во 1990 година затворен им е предниот дел, направена е само преграда во вид на камарче, обложено со дрвена ламперија. Во овој преграден дел паѓаат саѓи и смоли од повременото ложење на ќумбето во собата. Искра паднала во долниот дел на оџакот, настанало жарење и тлеење, а потоа почнал пожарот, објаснува Спиркоска.
На 1,2 и 3 февруари лани имало гости. Се ложело оган во критичната соба број шест, објаснуваат од обвинителството. Но, гостите си заминале, а потоа во собите е проверено да не останало нешто. За грешките и пропустите пред 24 години, сега нема никаква можност да се бара кривична одговорност. Прилепското јавно обвинителство го затвори случајот.
Во меѓувреме е изготвен обемен проект во Заводот и музеј Прилеп во кој е внесен дел за целосна заштита од пожари. Проектот треба да го одобри Националниот конзерваторски центар и се очекува за неколку месеци да почне обновата на опожарените конаци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа