Петрески за една година потрошил 4,5 милиони денари за ручеци
Поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески трошел огромни пари од граѓаните на Охрид за свои лични потреби или задоволување на потребите на своите блиски пријатели и соработници, објавува Курир. Според информациите до кои стигнал порталот, Петрески потрошил 4,5 милиони денари за ресторански услуги само во 2012 година. Тој направил цех од 700.000 денари во два ресторана во Охрид, а според Курир, сопствениците на овие ресторани се блиски луѓе на екс градоначалникот.
-Интересен е податокот дека фактурираните суми се веднаш исплатени во целост од страна на општинската каса. Инаку, Општина Охрид располага и со сопствена менза, но тоа не го спречило Петрески да организира ручеци низ охридските ресторани, иако немало потреба за тоа, пишува Курир.
Порталот дошол и до податок дека само во 2012 година на име трошоци за мобилна телефонија, општината платила близу два ипол милиони денари за повеќе од 90 службени мобилни телефони, кои ги користеле лица во општината без никаков правилник за користење на службени мобилни телефони. На име на Петрески се воделе шест телефонски броеви.
-Општина Охрид е убедливо најзадолжената општина во Република Македонија. Нејзиниот долг, заедно со обврските на јавните претпријатија се проценува на неверојатни педесетина милиони евра. Во земјава, а веројатно и пошироко, не постои друга локална самоуправа која има ваков обем на долгување, а штетите од прекумерното и неразумно задолжување трошење на Петрески ќе бидат долгогодишни, пишува Курир.
ФОТО: Нова Македонија