Груевски: Австрија и понатаму ќе ја поддржува Македонија
Премиерот Никола Груевски денеска се сретна со австрискиот канцелар Вернер Фајман во Виена.
По средбата Груевски констатираше дека Македонија и Австрија имаат одлични релации и соработка, без отворени прашања.
- Разговаравме околу тие детали и се надевам дека во иднина со наши продолжени напори и со напори на меѓународата заедница, но и на нашиот јужен сосед ќе се најде начин да се разреши прашањето поврзано со проблемот, рече Груевски, пренесе МИА.
Она на што се фокусирав, додаде, беше да продолжи поддршката што Австрија и ја дава на Република Македонија.
- Таа поддршка се изразува во сите сфери. На сите позначајни настани, особено во ЕУ, Австрија е еден од гласноговорниците во корист на Македонија и ние тоа длабоко го цениме, истакна премиерот Груевски.
Двајцата премиери разговарале и за економската соработка, при што било истакнато дека Австрија е сериозен трговски партнер, втор инвеститор во Македонија минатата година, како и тоа дека компаниите се главно задоволни од работењето во Македонија.
– Тоа е случај не само со австриските, туку речиси со сите компании, така што од тој аспект нема прашања кои треба да ги отвораме, рече Груевски, додавајќи дека со Фајман досега се среќавал неколку пати и изразувајќи задоволство што и денеска имал можност да поразговара со него за сите работи поврзани за двете држави.
Претходно, премиерот Груевски ја посети Општата болница во Виена – Алгемајне Кранкен Хаус, каде што е договорена конкретна соработка во определени области.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа