Груевски: Средната класа не се враќа со 19 денари
СДСМ кога дава предлози не дава официјални и точни бројки, рече денеска македонскиот премиер Никола Груевски коментирајќи го предлогот на СДСМ за враќање на персоналниот данок на сите оние коишто земаат плата до 12.000 денари.
-СДСМ кога дава предлози не дава официјални и точни бројки. Според нив, денеска има 15.000 такви луѓе, а таа бројка не е точна и е од времето кога тие биле на власт. Тие не кажаа ни колку чини тоа ДДВ. Кога ќе се пресмета, сумата што треба да им се врати на тие граѓани изнесува од 19 до 45 денари, а на тие со најголеми примања ќе треба да им се вратат 290 денари. СДСМ зборува за враќање на средната класа, а со 19 денари средната класа не може да се врати. Зголемувањето на стандардот на населението се прави со зголемување на минималната плата, зголемување на пензијата, поголем број на инвестиции, истакна Груевски.
Според Груевски, СДСМ промовирајќи се себеси постојано зборува за тоа како ќе се трошат парите од буџетот, а не за тоа како да се зголеми буџетот.
-Понекогаш се прашувам дали треба воопшто да одговарам на такви неосновани прашања, рече Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа