Стојаноски: Македонија со стратешкиот Договор со Обединетото Кралство добива уште еден моќен сојузник
„Историски ден, датум којшто ќе биде споменуван во историјата на Македонија по неколку контексти. Првиот е бидејќи денес Македонија склучи Договор, Влада со Влада за стратешко партнерство со втората најмоќна светска сила, Велика Британија“, прецизираше во своето излагање пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Стојаноски истакна дека денес е историски ден за Македонија. Тој изјави дека потпишан е Договорот Влада со Влада, во рамките на стратешкото партнерство со Обединетото Кралство и за прв пат во историјата имаме на располагање средства коишто ќе можат да се користат како проектно финансирање, односно наменски онолку колку што ни е потребно во зависност од готовите проекти што како држава ги нудиме.
„И покрај тоа што во јавноста ќе се обидаат некои луѓе тоа да го намалат како ефект треба да се знаат неколку работи. Прво ова е прв пат ваков договор една таква голема држава со брилијантна историја да го склучи со некоја држава. Второ, ова е прв договор со којшто се отстапуваат толку средства во можност за користење на некоја држава. Ова е нешто на коешто работевме многу долго време“, посочи Стојаноски и додаде:
„И покрај нашето стратешко партнерство со ЕУ, со оној склучен Договор за стратешко партнерство со САД во 2008 година ова е третиот столб на македонските дипломатски односи со некоја држава и нешто на коешто ние треба сериозно да се потпреме. Ова е договор којшто почива на две основни цели. Првата е политичката во која што ние од Велика Британија ќе треба да ги развиеме нашите врски, од аспект на на културата, образованието, животната средина, дигитализацијата, енергетиката и одбраната. А вториот дел од договорот е стриктно економски, каде што заедно со помош на Велика Британија со know-how и со средства коишто ни се дадени на располагање ќе можеме да финансираме проекти, тие средства ќе се користат за инвестициони вложувања во проекти“, вели Стојаноски.
Стојаноски е дециден дека само на ваков начин се гради држава, во интерес на сопствениот народ, а не како по принципот во минатото кога се уништувала и пљачкала државата.
„И двете држави, Договорот го квалификуваат како историски процес во којшто уште повеќе ќе се засилат односите помеѓу Обединетото Кралство и Македонија. За држава како нашата е исклучиво важно да има моќни сојузници, а токму со добивање на сојузник преку овој стратешки договор со Велика Британија ние едноставно успеваме да се зацртаме на мапата на меѓународните односи во светот“, дециден е Стојаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа