Груевски: Македонија сериозно напредува во делот на спортската инфраструктура
Aко пред 10 години општа констатација во земјава беше дека има голем недостиг на спортски терени и вистински услови за тренинг и развој на спортистите, сега работите се сериозно променети, рече македонскиот премиер Никола Груевски кој денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на фудбалското игралиште „Македонски Лавови“ во Ѓорче Петров.
- Македонија прави големи чекори напред во делот на спортската инфраструктура. Многу места во државата кои никогаш во минатото немале спортски терени и вистински услови за спорт и рекреација добија игралишта, сали и вистински услови за спортување. Со тоа добија можност да оформат нови спортски генерации во Република Македонија. Еден од тие објекти е и ова модерно фудбалско игралиште, порача премиерот.
- Скоро и да нема град во кој немаме изградено фудбалско игралиште или сала. Тука во Ѓорче Петров се изградија две нови игралишта и две големи спортски сали. Со проектот за изградба на 145 училишни спортски сали се опфатија сите училишта во државата кои немаа своја сала, а има услови за нејзина изградба, рече Груевски.
Нагласи дека во рамките на овој проект досега се направени 34 училишни сали, а голем број се во фаза на градба. Потсети дека со проектот за изградба на 100 тениски терени се изградија или се градат голем број вакви терени, а слична е и состојбата со проектот за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа