Министерот Спасов се сретна со неговиот хрватски колега

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој денеска е во работна  посета на Република Хрватска, се сретна со министерот за труд и пензиски системи Мирандо Мрсиќ.

Министрите Спасов и Мрсиќ, како што информира МТСП, разговарале за процесот на вработување на лица со инвалидност и новиот закон за професионална рехабилитација и вработување на лица со инвалидност во Република Хрватска. На средбата се размениле мислења за намалување на невработеноста, политиките, активностите и мерките кои се преземаат во Македонија и во Хрватска за поттикнување на вработувањето на младите лица, како и за намалувањето на сивата економија.

Министерот Спасов од својот колега се информирал за пензиските реформи во Хрватска, особено за промените во системот од демографски аспект, одржливост на првиот пензиски столб и реформите во вториот пензиски столб.

На средбата, министерот Спасов предложил да се склучи Договор за меѓусебна соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за труд и пензиски системи на Република Хрватска во однос на размена на искуствата во преговорите за пристапување во ЕУ за поглавје 02-Слободно движење на работниците и поглавје 19 Социјална политика и вработување во делот за вработување.

- Тема на дискусија беше и имплементацијата на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Хрватска, кој што се применува од 1 ноември 1997 година. Ова е прв договор на две поранешни југословенски држави во областа на социјалното осигурување и во изминатиот период од 14 години на негова примена може да се заклучи дека има големи придобивки за граѓаните на двете држави, се вели во соопштението од МТСП.

Договорот, како што се наведува, содржи одредби за собирање на периодите на осигурување во двете држави, остварување на право на старосна, семејна и инвалидска пензија,  право на здравствено осигурување, лично и за членовите на семејството, надомест за повреда при работа  и професионална болест, избегнување на двојно оданочување, односно плаќање на социјални придонеси во исто време во двете држави, право на детска заштита и друго.

Според евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Република Македонија исплаќа пензии на 621 граѓанин кои живеат во Република Хрватска, а хрватскиот фонд исплаќа пензии на 1.583 граѓани кои живеат во Република Македонија.

31.01.2014 - 17:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега