Што се случува во Битола: За 3 часа запалени 3 автомобили

 

Синоќа од 23 часот и 30 минути, до 2 часот и 20 минути по полноќ, три возила биле мета на пиромани. Огнениот пир започнал од Булеварот Први мај, а завршил на соседната улица Охридска.

На булеварот настрада патничко моторно возило Шкода фаворит. Внатрешноста на возилото целосно изгорела, а во гаснењето на пожарот интервенирала битолската противпожарна станица.

Во синоќешниот поход на непознатиот пироман или групата сторители настрада и товарно моторно возило, паркирано на улицата Охридска. И во овој случај оштетена била внатрешноста на возилото, а пожарот бил изгаснат благодарение на случаен минувач кој го забележал.

Последното возило во полициската евиденција кое синоќа било опожарено е Лада, паркирана исто така на улица Охридска. Како и во претходните два случаи, и кај Ладата опожарена била внатрешноста.

Сите три возила во кои беа подметнати пожари, се со битолски регистарски таблички, а полицијата во интерес на истрагата не отркива повеќе детали. Тврдат единствено дека имаат одредени сознанија и сомнежи кои треба да ги потврди истрагата.

Синоќешните случаи на запалените автомобили во Битола се продолжение на неславната низа која започна минатата година. Кон средината на ноември, две луксузни возила настрадаа под сеуште неразјаснети околности, а неоткриен остана и подметнувачат на пожарот во возило на улицата Ружа Делчева пред неколку недели.

30.01.2014 - 23:05
Фото: 
Архива

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега