Премиерот одговори на пратеничките прашања во врска со проектот „Луково поле“
Премиерот Никола Груевски во одговор на прашање од пратеничката од ДУИ Јулиета Марку дали постои проект наречен Луково поле, дали е реален или иден, изјави дека Владата никогаш досега, ниту во иднина ќе направи проекти со кои ќе им наштети на граѓаните.
На попладневниот дел од седницата во Собранието посветена на прашања од пратениците, премиерот укажа дека Владата проектот го замислува во соработка со Светската банка, која што на некој начин треба да учествува во финансиската конструкција. Пред да се донесе конечна одлука за тоа треба да се направи еколошка студија со која ќе се види дали ќе има штети врз живитната средина во тој регион. Доколку еколошката студија што ја подготвува Светската банка покаже дека има штети за животната средина и граѓаните, вклучетелно и соседите, се разбира дека ќе се воздржиме од тој поект или ќе го преправиме, во смисла да се елиминираат од правење штети, рече Груевски.
Според него, не треба да има вознемиреност околу овој проект.
- Лично мислам дека вознемиреноста е од некои луѓе кои имале други мотиви, можеби и политички. Меѓутоа, граѓаните треба да знаат дека оваа Влада никогаш досега не правела проекти од кои тие би имале штета и нема ниту овојпат тоа да се направи. Токму затоа се прави таа еколошка студија за да се истражи дали навистина постои некаква опасност или не. Не само Владата, ниту Светската банка не би дозволила да влезе во проект и да финансира проект што би ја загрозил животната средина и ќе наштети, наведе Груевски, нагласувајќи дека студуијата, што ќе го даде одговорот ќе ја изготвуваат врвни експерти, и ќе биде објавена пред граѓаните.
Ако навистина укажува дека има проблеми, посочи Груевски, тоа ќе биде кажано и нормално проектот или ќе биде откажан, или предефиниран односно ќе бидат елиминирани можните создавачи на каква било штета, наведе Груевски.
Проектот Луково беше предмет на интерес и на пратеникот од ПЕИ Рејхан Дурмиши, кој истакна дека за неговата реализација има големо незадоволство и реакции.
Според вицепремиерот Владимир Пешевски, проектот непотребно добил политичка димензија, а не се точни тврдењата на дека со него ќе се исушат водите на реката Радика, односно дека Радика ќе остане без вода, ќе стане сува река, а водата ќе биде пренасочена.
Неточни се, укажа Пешевски, и тврдењата мотивирани од политички цели дека со проектот ќе бидат нарушени меѓународнии конвенции.
- Точно е дека проектот Луково поле се наоѓа во рамки на националниот парк, но во рамки на истиот национален парк се наоѓаат и други електрани коишто се направени многу претходно. Идејата за Луково поле како дел од типот на Мавровски електрани е стара повеќе од 30 години. Таа била анализирана, но меѓутоа не била реализирана досега бидејќи не се нашла волја да се зафати некој со ваков проект, ниту пак да се влезе во преговори за проектирање и обезбедување финансирање. Ние се зафативме со овој предлог и тој е еден од најисплативлите проекти во делот на производство на електрична енергија, наведе Пешевски.
Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ, повикувајќи се на Државниот завод за ревизија, го праша премиерот дали ќе побара одговорност од директорот на Агенцијата за странски инвестиции за незаконско работење во делење државна помош за странските инвеститори.
Според Груевски, Агенцијата за привлекување странски инвестиции има управен одбор кој ќе ги разгледа фактите и ќе ја информира Владата.
- Секоја институција во основа е задолжена да работи според закон. Ние очекуваме дека извештајот ќе биде разгледан од Јавното обвинителство, ако има помали пропусти ќе се изготви акциски план за нивно надминување, а ако се од поголем размер покрај таков акциски план, ЈО има законски права да си преземе и други мерки, наведе Груевски.
Според него, за секоја исплата на државна помош претходно се бара мислење од Државната комисија за заштита на конкуренција, којашто работи согласно европските директиви, а и Законот за државна помош е усогласен со Брисел.
- За секоја државна помош Агенцијата за странски инвестиции претходно бара мислење од Комисијата за заштита на конкурентност. Доколку и надвор од ова има одредени неправилности секако дека УО на агенцијата ќе го истражи тоа, ќе ги утврди фактите и се разбира како и за сите други извештаи на Државниот завод за ревизија ќе го извести обвинителството
Груевски одговараше и на прашањето од Николов зошто законот за стечајците се однесува само на компании кои биле државни или со доминантен државен капитал. Со законот се опфатени само компаниите коишто во моментот на одење во стечај биле во државна сопственост или во доминатно државна сопственост затоа што во таква ситуација државата може да прави корекции и да има одредена одговорност за одењето на тоа претпријатие во стечај. Кога приватно претпријатие или со доминантно приватен капитал оди во стечај не може да се каже дека државата има одредена ако сакате нека биде и тоа условна вина, директна или индрекетна за таквото нешто, рече Груевски.
Се дава поддршка, додаде, на луѓето од компании коишто отишле во стечај чија сопственост била или целосно државна или доминатно државна од причина што најмногу од нив имале и менаџмент поставен од страна на државата и на тој начин со поставување на таков менаџмент фирмата заминала во стечај. Така директно може да се каже или може да се дебатира за одредена вина за сето тоа кај државата, наведе премиерот.
Истакна дека во ниедна држава не се случува на приватни фирми што отишле во стечај државата да им ги покрива трошоците до пензија за вработените.
- Ако има таква земја посочете. Не сум чул дека државата на приватни компании доживотно им ги поркива трошоците. Тоа е таа логика, рече Груевски.
Во одговор на Николов дали има волја за згрижување на професионалните војници што не се опфатени со новите законски решенија, премиерот истакна дека актуелната Влада ја продолжила старосната граница за ангажман на професионалните војници од 35 години колку што изнесувала во време на Владата на СДСМ, првин на 38 години, а потоа и на 45 години.
- Она што го оставивте вие беше со 35. Не знам зошто вие тогаш не преземавте некои чекори да го зголемите на 38, да го зголемите на 45, да им обезбедите работа после тоа, па да ги вклучите и тие што дотогаш останале без работа. Не знам зошто не го направивте тоа. Но ,еве ние најдовме начин и потреба да ги промениме работите и одсега па натаму да изгледаат поинаку. И не само што е продолжено до 45 години, туку е и овозможено и после 45 години професионалните војници да добијат вработување до нивното пензионирање, рече Груевски и додаде дека законот важи од моментот кога стапува во сила.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа