Македонците од Мала Преспа се жалат од албанските цариници

 

Генералниот секретар на партијата на Македонците во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски во Корча се сретна со директорката на Царината за округот на Корча Ерјона Рафти и побара да не се попречуваат етничките Македонци при преминувањето на граничниот премин Горица.

- Во последно време Македонците од Мала Преспа наидуваат на пречки на граничниот премин Горица и во повеќе случаи надлежните на овој граничен премин не им дозволуваат на Македонците да пренесуваат производи за дома, а кои не се предмет на трговија и се дозволени со закон, рече Стерјовски.

Тој побара од Рафти да се реши овој проблем со кој се соочуваат Македонците, бидејќи, како што рече, според законот дозволено е секој за домашна потреба да носи стока во вредност до 215 евра.

Директорката Рафти се согласила со Стерјовски, истакнувајќи дека никој од вработените во Царината не смее да ги попречува граѓаните кои носат стока во вредност до 215 евра за домашна потреба и која не е наменета за трговија. Таа побарала од Стерјовски да им пренесе на Македонците во Мала Преспа, кога ќе пазаруваат во Македонија да земаат фискални сметки за купената стока и да ги покажат на Царина за да може да се потврди вредноста на стоката.

На средбата било договорен доколку Македонец од Преспа наиде на ваков проблем, да биде известена директорката Рафти која ќе преземе мерки кон вработените кои ја злоупотребуваат службената положба и овластувањата.

26.01.2014 - 15:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега