Леко: Хрватска ќе продолжи да ги поддржува евроатланските интеграции на Македонија
Влегувањето на Македонија во НАТО и Европската унија е од заеднички интерес за македонските и хрватските граѓани, заклучија претседателите на двата парламента Трајко Вељаноски и Јосип Леко, пренесува МИА.
На прес- конференцијата која се одржа по средбата, Леко истакна дека Хрватска заговара за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.
- Тоа го истакнуваат сите наши парламентарци во Собранието на НАТО и ЕУ и се надеваме дека процесот низ кој што поминува Македонија наскоро ќе биде одблокиран, рече Леко.
Тој го поздрави високиот економски раст што го постигна Македонија, потенцирајќи дека тоа ќе овозможи нова соработка меѓу двете земји.
- Република Македонија минатата година оствари завиден економски раст. Тоа отвора подрачја за нова успешна соработка, рече Леко и најави продолжување на соработката на парламентарно ниво, но и на економско, мултаратерално и билатерално.
Тој нагласи дека националните малцинства на Македонците во Хрватска и на Хрватите во Македонија, се мостови на соработка меѓу двете земји, нагласувајќи дека меѓу нив нема отворени прашања.
- Соработката на двата парламенти е стабилна и тесна во многу подрачја. Во тоа посебно ни помага Одборот за наворешна политика и Групата за пријателство меѓу Македонија и Хрватска, додаде Леко.
Спикерот Вељаноски изрази надеж дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроинтегративниот процес.
- Заеднички го одевме патот за членство во НАТО и ЕУ. Хрватска стана членка, но Македониjа од познати причини не. Се надеваме и убедени сме во тоа дека имаме уште еден пријател во ЕУ, кој ќе ги поддржува Македонците и Македонија и со својата улога ќе даде уште поголем придонес за што побргу да се одблокира процесот за интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО, рече Вељаноски.
Вељаноски потсети дека меѓу двете земји никогаш немало отворени прашања, потенцирајќи дека политичарите треба да ја продолжат таа соработка.
-Македонија и Хрватска ќе продолжат да работат на одредени прашања, бидејќи сметаме дека е од интерес на двете земји, но и на регионот, подвлече Вељаноски.
Наша задача, рече тој, е да носиме закони со кои ќе ја подобриме бизнис климата во двете држави за да можат стопанствениците да соработуваат. - Македонија може да се пофали со прогресот што го прави во однос на економскиот раст и секогаш стоиме на располагање за хрватските компании да инвестираат, нагласи Вељаноски.
Македонската заедница во Хрватска и Хрватската во Македонија, додаде тој, се мостот, кој ги зближува двете држави, а институиите покажуваат зрелост во однос на почитување на правата на заедниците.
Во рамки на официјалната посета на Хрватска Вељаноски денеска ќе оствари средба со претседателот на државата Иво Јосиповиќ и со вицепремиерот и министер за надворешни и еропски работи Весна Пусиќ.
Во македонската делегација се и пратениците Фијат Цаноски, претседател на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска и членовите Александар Николоски и Недим Рамизи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа