ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласија - измените на Изборниот законик се добредојдени

 

Пратениците денеска ја продолжија 82. седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Изборниот законик кои се донесени со консензус од сите политички партии и на власт и во опозиција. Во преговорите со свои предлози не учествуваше само ДПА.

Според министерот за правда Блерим Беџети, предлогот е важен како од аспект на зачленувањето на земјата во ЕУ и за трансперентност на изборниот процес.

- Со овие активности кои се преземаа во Министерството за правда, работната група и политичките партии освен исполнетите препораки од ОБСЕ/ОДИХР имаме и квалитетно решение кое ги исполнува стандардите на ЕУ да бидат изборите фер, демократски и транспарентни, рече Беџети.

Тој додека дека иако за секој изборен циклус досега Македонија добивала пофалби во насока на организирање коректни и демократски избори, сепак верува дека по ова усогласување и воспоставување прифатливи стандарди за сите транспарентноста ќе биде на потребното ниво.

Беџети смета дека решението нуди коректност за политичките партии, како за оние кои се на власт, така и за оние кои се во опозиција.

Меѓу новините што се предлагаат ги напомена донациите кои се утврдени на 50.000 евра од правно лице, што е во целосна согласност со препораките на ОДИХР, потоа наместо невидливото мастило гласачите на денот на гласањето ќе се обележуваат дека гласале со видливо мастило кое ќе се избрише за 24 часа, се менува и составот на избирачките одбори во дипломатско конзуларните претставништа каде претседателот на тој одбор се бира од дипломатите, а заменикот и членовите од редовите на администрацијата и партиите.

- Со ова законско решение се исполнуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а согласноста на политичките субјекти во Република Македонија ќе создаде уште посилни предуслови за транспарентен изборен процес. Ќе се унапредиме во оваа област, што е многу важно како за нас, така и за нашата евроинтеграција, рече Беџети.

Предложените измени ги поздравија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

Пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ ја поздрави постигнатата усогласеност за изборниот законик.

- Според нас успеавме низ еден преговарачки процес, со аргументирана дебата и дискусија, да усогласиме голем број  препораки од ОБСЕ/ОДИХР. Единствена препорака што не успеавме да ја усогласиме или за која не разговаравме и не ја отворивме во преговорите е препораката за гласањето на дијаспората. Наш заеднички договор е таа да се отвори во оној момент кога ќе имаме први парламентарни избори, истакна Иванова.  

Таа додаде дека ова е прв чекор кој може да гарантира фер изборен процес, меѓутоа, додаде, од искуство знаеме дека и најдобриот законик не може да гарантира фер и демократски избори, ако нема политичка волја од оние кои учествуваат во изборниот процес. 

- Затоа политичките партии што се на власт ќе бидат на сериозен тест на првите наредни претседателски избори што ќе се случат наскоро. И тогаш ќе покажат навистина дали она за што сме постигнале согласност имаат политичка волја да го имплементираат на терен, рече Иванова.

Како партија, објасни Иванова, очекуваат оваа усогласеност да се имплементира на првите наредни претседателски избори, а за отворените прашања остануваат отворени за натамошно усогласување.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, исто така, го поздрави постигнатиот консензус околу овој предлог и потенцира дека ваквиот начин на постигнување согласност треба да стане пракса и да се применува и за други отворени прашања во земјата.

- Донесувањето на овие измени се чекор напред без разлика што Макоднија и во минатото имаше позитивни мислења околу организирањето на изборите. Со постигнатиот договор  Република Македонија оствари три цели. Ги надминуваме воочените слабости од страна на меѓународните организации, ја зголемуваме довербата меѓу политичките партии и се испраќа порака дека за одредени прашања постои и функционира политичкиот дијалог во РМ, рече Спасеновски.

Според него, спроведувањето на изборниот процес е таков тип на активност каде е пожелно да има согласност меѓу што повеќе политички партии.

23.01.2014 - 12:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега