Влада: ТВ Телма неаргументирано и неосновано не напаѓа

 

 Во интерес на вистината и објективното информирање, сакаме да ги демантираме наводите и да одговориме на манипулациите, и на грубиот, тенденциозен и неаргументиран напад на телевизија Телма  врз Владата истакнат преку веста Проѕирен обид на Владата во ист кош со Сител да ја стави и Телма емитувана во денешните вести на телевизијата.

Ова го истакнува Владата на Република Македонија во писмената реакција на веста емитувана во вечерашниот дневник на ТВ Телма.

- Ние ги почитуваме медиумите, ја почитуваме ТВ Телма за која и со која веруваме дека генерално имаме коректна соработка, но ова е груб и тенденциозен напад врз нас и ние сме должни да реагираме и да ги разобличиме овие напади кои се неосновани, се вели во реакцијата од Владата.

ТВ Телма, се додава во рекацијата, не може да ја обвинува и напаѓа Владата за договор кој таа како субјект слободно го потпишала со нас врз основа на закон, и не може да не напаѓа за сумите и вредностите кои биле договорени со слободен израз на волја на двете страни, а кои самата ТВ Телма ни ги доставила. Таквиот напад кој го правите е крајно некоректен. Ние не можеме да разбереме зошто нас не обвинувате и напаѓате кога самите вие од ТВ Телма сте ни ги доставиле тие договорни цени врз основа на Ваши ценовници, ние тие доставени цени сме ги прифатиле и Вие сте се согласиле со договорите без никаква замерка.

- Владата не ги прави рејтинзите за гледаност на телевизиите, туку тие рејтинзи ги прават специјализирани и независни професионални агенции, и ние немаме врска со тоа што ТВ Телма на тие рејтинзи на гледаност послабо котира и зазема пониска позиција во однос на другите субјекти кои се рангираат, позиција врз основа на која се уредуваат цените за реализација на активности на информирање на граѓаните кои важат и за јавниот сектор и за приватниот сектор, позиција која прави ТВ Телма да има пониски ценовници во однос на други субјекти. Позицијата на медиумскиот пазар базирана на рејтинзите на гледаност направени од професионални агенции врз основа на кои Вие како телевизија се рангирате со други субјекти кои функционираат во таа сфера е само Ваша работа и Ве замолуваме да не не вмешувате нас во тие работи, или пак да не обвинувате за работите кои произлегуваат од таа Ваша позиција, се посочува во реакцијата.

Не сакаме, се посочува, да веруваме дека ваквиот тенденциозен, груб и неаргументиран напад кој го правите кон нас користејќи ја вашата улога на медиум е создавање на подлога за политизација на темата во дневно политички цели, а ако тоа е целта тогаш тој пристап е некоректен, неетички и непрофесионален.

- Апелираме на коректен и конструктивен однос базиран на професионалните стандарди. Владата на Република Македонија кон сите субјекти има однос базиран на закон, прописи и регулатива, се нагласува во рекацијата од Владата на веста емитувана во вечерашниот дневник на ТВ Телма

22.01.2014 - 22:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега