Пристапниот дијалог на Македонија и ЕУ ќе продолжи со фокусирање на приоритетни теми

 

Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската унија ќе продолжи во силно темпо со фокусирање на теми што се приоритет и во официјалните преговори за членство во Унијата.

Ова, е заклучокот од денешната средба на заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими и министерот за надворешни работи Никола Попоски со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Според вицепремиерот Бесими, на средбата се разговарало во однос на постигнувањата во досегашниот период од извештајот на Еврокомисијата за Македонија и заклучоците од Самитот на Европскиот совет во декември.

- Притоа, меѓудругото го споменавме и постигнатиот договор и измените на Изборниот законик, донесен со консензус од поголемите политички партии од власта и опозицијата во нашата земја. Потоа, се говореше и за измените во Законот за медиуми и продолжување на дијалогот со новинарите, како и измените во законите за јавната администрација и завршувањето на процесот на ревизија на НПА за 2014 година. Тема на разговор беа и приоритетите, како и динамиката за продолжување со Пристапниот дијалог на високо ниво, истакна Бесими во изјава за МИА по средбата.

Првиот македонски евроинтегративец, нагласи дека тоа било главна тема во разговараите што тој заедно со министерот Попоски ги водеа со Филе, но и во издвоените средби на Бесими со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон и со известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Ричард Ховит.

Шефот на дипломатијата Попоски, пак, посочи дека дискусијата со првиот човек за проширување на Унијата била насочена во правец на тоа што да се прави во следниот период и како најдобро да се искористиме периодот до следниот прогрес-извештај на Европската унија за Република Македонија.

- Тоа што го констатиравме е дека значајни реформи се спроведени во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Целта ни е што е можно пофокусирано и посодржински да го искористиме овој период, како кога би биле во фаза на преговори. Мислам дека оваа дискусија беше корисна за да ги погледнеме перспективите на сите во однос на оние реформи што ни се значајни во процесот на преговори, посочи Попоски во изјава за МИА.

Според Попоски, Комисијата ја почувствувала потребата што е можно поскоро да се стави фокусот на неколкуте поглавја што се значајни за пристапните преговори.

22.01.2014 - 18:50
Фото: 
миа.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега