Нов закон ќе ја подобрува администрацијата

Министерството за информатичко општество и администрација  изготви драфт верзија на нов закон за општа управна постапка, како дел од задолженијата од високиот дијалог помеѓу Владата и Европската комисија. 

 

-Со новиот Закон за општа управна постапка македонскoто општество ќе заштеди многу пари, а граѓаните услугите ќе ги добиваат навремено и точно без да трошат премногу енергија, рече ресорниот министер Иво Ивановски.

ТОј објасни дека има три главни поглавја кои ќе бидат воведени во законот за општа управна постапка и откако тие ќе се продискутираат ќе започне јавна расправа, вклучувајќи ги сите заинтересирани странки,

 

Според Ивановски најголема новини ќе биде воведување една точка за информации  и услуги, и покрај досега преземените активности со цел граѓаните да добијат услуга на еден шалтер од која било институција.

- Сега тоа се прави на уште помодерен начин во новиот драфт текст, што е и Директива од ЕУ, за да  можат граѓаните да ги добиваат сите услуги од сите институции при посета на првиот шалтер без разлика на институцијата. Доколку институцијата е информатички опремена тие ќе може да го добијат електронски, а доколку не по пошта. Со тоа се воведува  уште поголема ефикасност во администрацијата, се заштедува време на граѓаните, изјави Ивановски во тек на конферецијата  

Со проектот „интероперабилнсот“ минатата година над 20.000 граѓани ја добиле услугата на првиот шалтер каде што се обратиле. Тоа, укажа Ивановски, значи дека  20.000 граѓани немаат потреба да одат на втор или трет  шалтер затоа што тие институции каде што  се обратија биле поврзани на системот интероперабилност. Заштедата е и на граѓаните и на институциите.

Втора новина во законот е заштитата на корисниците од институции од приватниот сектор коишто нудат услуги за кои  се овластени од државата, како енергетиката, телекомуникациите, снабдување со топлина.

- Се поставуваат  нови одредби во законот за управна постапка  со кои корисниците мора да добиваат услуга  со квалитет.  Се поставуваат услови  за да не се доведеме до ситуација каде некои компании кои во време на транзицијата се приватизираа да можат  да ги злоупотребуваат правата на граѓаните, појасни Ивановски.

Со новиот закон, рече Министерот, се поставува уште еден степен на е-владеење и е направена сериозна анализа во кои институции треба да се надгради системот  за електронско владеење за да можат истите услуги граѓаните да ги добијат електронски  од кој било компјутер без да посетуават шалтер.

По дискусијата за трите  главни поглавја со новини во законот за општа управна постапка, ќе почне јавна расправа со вклучување на сите  заинтересирани за коментари по драфт верзијата на законот.

Новиот закон за општа управна постапка треба да се донесе со двотретинско мнозинство во Собранието, а министерот Ивановски очекува поддршка.

22.01.2014 - 12:18
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега