Венизелос: Би можел деновиве да одам во Скопје

 

Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, во своето обраќање пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, најавил дека би можел во наредните денови да го посети Скопје како актуелен претседавач со ЕУ, но пред европратениците ги повторил и познатите грчки позиции во однос на прашањето за името и евроинтеграцијата на Македонија.

- Грчкото претседателство ќе ги имплементира заклучоците од декемврискиот состанок на Европскиот совет. Како претседавач подготвен сум во наредните денови да ги посетам сите земји во регионот, вклучувајќи го и Скопје, без никаква разлика или дискриминација, и ќе имаме можност за дискусија меѓу претседателството на Советот и Владата на ПЈРМ, истакнал Венизелос во вчерашното обраќање пред европратениците, додавајќи дека веќе остварил средби со својот македонски колега Никола Попоски во Брисел и во Њујорк, како и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Венизелос, пишуваат грчките медиуми, уште еднаш ги повторил грчките „црвени линии“ во однос на спорот за името, оценувајќи ги како „умерени и разумни“.

- Учествуваме во процесот што се води под покровителство на ОН, ја почитуваме улогата на медијаторот Метју Нимиц и прифаќаме сложено име со географска одредница што би го содржел терминот Македонија, но тоа треба да биде за севкупна употреба. Тврдењата од другата страна дека „не можеме да го менуваме нашиот Устав“ се неприфатливи за европска земја, бидејќи сите европски земји постојано ги менуваат своите национални устави најчесто за да се прилагодат на европското законодавство и да се воспостави единствен европски уставен простор, истакнал Венизелос, додавајќи оти македонскиот Устав веќе претрпел измени со Охридскиот договор.

СПоред Венизелос, проблемот со евроинтеграцијата на Македонија не е името, туку Копенхашките критериуми и внатрешните проблеми како што се демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и големите отворени прашања со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија.

21.01.2014 - 10:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега