Отворена дебата за добивањето дете со сурогат мајка во Македонија

 

Министерството за здравство денеска започна дебата на тема „Концепт за изменување и дополнување на Законот за биомедицински потпомогнато оплодување заради воведување на можноста за добивање дете со помош на сурогат мајка“. 

Министерот за здравство, Никола Тодоров, пред присутните истакна дека имаат предлог-концепт на закон кој сакаат длабински да го издебатираат со стручната јавност: - Она што го имаме предложено за дебата е дека сурогат мајка може да биде жена која е психофизички здрава и постара од 21 година. Таа треба да помине сериозно психолошко и правно советување кое треба да го прават комисии кои се составени од лица кои имаат големо искуство во областа на психологијата, психијатријата и на правото. Лицата во комисиите задолжително треба да имаат поминато психолошки тест и тест за интегритет, да имаат 10-годишно искуство, а треба да се изработи и националнен водич за психолошко и за правно советување. Има два концепти на сурогат мајчинство-алтруистичко и комерцијално. Ние предвидуваме еден подвид на алтруистичко сурогат мајчинство и да можат да бидат исплатени определени трошоци на сурогат мајката кои се поврзани со нејзиниот живот за време на сурогат мајчинството односно трошоци поврзани за правилна исхрана, за лекување, прегледи итн. Имаме ограничување предвидено во концептот за висината на овие трошоци кои не може да бидат повисоки од една просечна плата исплатена месечно во стопанството во Македонија, издвојувајќи ги тука трошоците за преглед или за породување, вели Тодоров.

Сурогат мајката има право да избере дали ќе се прегледува во приватна или во јавна здравствена установа и зависно од тоа трошоците треба да бидат покриени од страна на брачните другари.

- Подносител за сурогат мајчинство може да бидат само маж и жена кои се во брак и се државјани на Македонија, кои поминуваат еден период на психолошко и правно советување за целиот процес. Како мајка на детето се запишува жената која го има поднесено барањето за сурогат мајчинство. Има предвидено само еден исклучок од тоа-само во случај на смрт на двајцата подносители на барањето (мажот и жената) за сурогат мајчинство и само тогаш сурогат мајката има право да се запише како мајка и има родителско право и остварување на ова право согласно законот, додаде Тодоров.

Истакна дека во концептот се обидуваат да забранат жени да го користат сурогат мајчинството како професија. 

- Тоа во концептот се обидуваме да го забраниме, да нема жени кои ќе заработуваат и кои ќе живеат со сурогат мајчинство, на пример повеќе пати да бидат во функција на сурогат мајка. Во концептот имаме предвидено дека се зема јајце клетка од жената и од мажот кои го поднесуваат барањето за сурогат мајчинство, а сурогат мајката е практично само инкубатор кој носи генетски материјал од мажот и жената, рече Тодоров.

20.01.2014 - 15:23
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега