Грчки медиуми: Синоќа во Вашингтон "малку" се разговарало за името
Венизелос и американскиот државен секретар Џон Кери само кусо се осврнале на прашањето за името на Македонија, пишуваат денеска грчките медиуми по синоќешните средби на нивниот министер за надворешни работи.
Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, дури ни грчкото МНР во соопштението од средбата во Вашингтон, кое всушност е транскрипт од изјавите на двајцата министри, воопшто не го споменува прашањето за името.
Провладиниот весник „Катимерини“ од извори во грчкото МНР дознава дека американскиот државен секретар „покажал само мал интерес“ за прашањето за името на Македонија, додека за односите со Турција било разговарано во детали, додека „И-ефимерида“ (Е-весник) Кери рекол дека „последниот говор на Венизелос за прашањето за Скопје на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел во декември бил ’одличен’, но истакнал дека ’се додека проблемот останува нерешен, тој влијае врз двете страни’“. Венизелос, пак, од своја страна рекол дека „Скопје во моментов има сериозни проблеми за решавање во однос на името“, јави „и-ефимерида“.
И кипарскиот весник „Филелефтерос“ пишува дека „во врска со прашањето за Македонија, не постоело ’чувство на притисок’ врз грчката страна“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа