Бесими и Хани повикаа да се користат ИПА средствата

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска оствари средба со министерот за локална самоуправа Тахир Хани, на која се зборуваше за искористеноста на ИПА средствата и отворениот оглас за меѓуграничната соработка меѓу Македонија и Косово.

На средбата беше нагласено дека средствата се наменети за заеднички проекти со соседните земји и за регионални проекти со земјите од Југоисточна Европа.

- Во рамки на ИПА компонента 2007-2013 има околу 30 милиони евра. Досега има потпишано финансиски спогодби за околу 27 милиони евра, од кои 18 милиони евра во овој момент или 65 проценти се потпишани договори. Очекуваме за две недели да се достигне ниво до 75 отсто, изјави Бесими по средбата.

Бесими информира дека разговарале и за реализацијата на отворениот оглас за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Косово, за кој има околу 3,6 милиони евра од страна на ЕУ. 1,8 милиони евра се за институции од Македонија и исто толку се наменети за Косово.

- Очекуваме до 20 јануари овој оглас да се реализира. Работиме за да дознаеме каде се проблемите во пракса, каде има потешкотии во однос на искористеноста на овие средства, рече Бесими, појаснувајќи дека можат да аплицираат општини, НВО, Стопански комори...

Општините и другите институции, како што рече, може да аплицираат и за финансиски средства од Македонската банка за поддршка на развојот. Бесими годинава очекува да се потпишат уште две спогодби, со Косово и со Грција.

За министерот Хани важно е сите институции да ги искористат максимално средствата од ИПА фондовите што им се на располагање.

- Министерството за локална самоуправа реализира три проекти од ИПА компонента 1. Завршен е проектот во Струмица, при крај е реновирањето на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола, а од понеделник почнуваат работите за изградба на спортска сала во Зајас, посочи Хани.

Според него, општините не учествуваат доволно во сите повици што се објавени од Министерството за локална самоуправа, за програмите за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, Грција, Бугарија.

Најголема искористеност на овие ИПА фондови Македонија има со Грција.

10.01.2014 - 13:06
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега