Шест години од трагичната хеликоптерска несреќа кај Блаце

 

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска ќе биде одбележана шест годишнината од трагичната хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце. Во трагичната несреќа загинаа 11 припадници на Армијата на Република Македонија кои се враќаа од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

По тој повод делегација од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и Здружената оперативна команда на АРМ предводена од заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, како и членови на семејствата на загинатите денеска ќе положат цвеќе на спомен обележјето пред командата на воздухопловната бригада во касарната.

Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“  од базата Бутмир кај Сараево. Тие требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта. Во несреќата загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

Хеликоптерот „МИ 17“ е од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж - двајца пилоти и авиомеханичар. Има капацитет да превезува 32 патника или товар до четири тони. Може да има разновидна техничка опрема и да биде вооружен со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ - 17 и неговата постара верзија МИ-8  во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.

10.01.2014 - 08:27
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега