Во тек акредитација на набљудувачи на локалните избори на 19 октомври
Согласно Роковникот за локалните избори 2025, во тек е барањето акредитации за набљудување и известување од изборите закажани за 19 октомври. Досега за набљудување на изборите е акредитиран само Младински културен центар Битола.
Рокот за барањето за набљудување започна од денот на распишување на изборите, а завршува на десет дена пред денот на гласањето, односно на 8 октомври на полноќ. Барања за набљудување на изборите може да достават сите домашни здруженија и странски организации, кои се регистрирани согласно со закон, најмалку една година пред денот на одржувањето на изборите, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права, меѓународни организации и претставници на странски земји вклучително и претставници на медиуми. Подносителите на барањата за следење на изборите поднесуваат Барање за регистрација на набљудувачи на изборен процес, додека претставниците на странските медиуми поднесуваат Формулар за акредитација на медиуми. Двете барања се достапни на веб страната www.sec.мк.
Домашните здруженија и странски организации, покрај Барањето доставуваат и Копија од Статут на здружението, копија од регистрација пред надлежен орган, список на набљудувачи и копија од документ за идентификација на предложените набљудувачи.
Меѓународните организации и претставници на странски земји, покрај Барањето за набљудување, доставуваат и Список на набљудувачи и копија од документи за идентификација на предложените набљудувачи.
Претставниците на странските медиуми покрај Барањето за акредитација на медиуми, доставуваат список на новинари, сниматели, фоторепортери и копија од документ за идентификација.
Претставниците на медиумите од Република Северна Македонија не подлежат на процес на акредитација.
Барањата со потребните прилози се доставуваат на мејл адресата [email protected], најдоцна десет дена пред денот на гласање, односно најдоцна до 08 октомври 2025 година до 24.00 часот.
Државната изборна комисија ќе издаде овластување на сите подносители за набљудување и следење на изборите кои ги исполнуваат условите најдоцна 7 дена по приемот на барањето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа