Голема сума на имигрантски пари завршува на Балканот
Парите што имигрантите во нордиските земји ги испраќаат во своите татковини имаат големо значење за економијата на земјите приматели, покажува една нова студија изработена при шведскиот Универзитет во Гетеборг.
Во некои земји приходите од приливот на имигрантски дознаки се поголеми од странската помош и странските инвестиции, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Во истражувањето се обработуваат позитивните ефекти врз домаќинствата во земјите приматели на иселенички пари.
- Предмет на моите студии беше како овие приватни трансфери влијаат врз субјективното доживување на семејната економија во домаќинствата во татковината на имигрантите, изјави Лиса Андерсон, доктор по политичка економија при Универзитетот во Гетеборг.
Главен заклучок врз база на истражувањата е дека тие што се приматели на имигрантски дознаки сметаат дека имаат посилен приватен буџет од граѓаните кои не се приматели на пари од странство. Тие, исто така, веруваат дека тоа влијае позитивно на економската ситуација во земјата.
Земји од подрачјето на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, се вбројуваат меѓу поголемите приматели на имигрантски пари од нордиските земји Шведска, Норвешка, Данска и Финска.
Најголем прилив на пари од иселениците од нордиските земји имаат Полска, Филипини, Тајланд и Пакистан.
Според проценките на Светската банка од октомври минатата година, се очекувало мигрантите во глобални рамки да испратат 550 милијарди долари во своите земји во текот на 2013 година.
Во 2016 година се очекува вкупниот износ на имигрантските пари да се зголеми на околу 700 милијарди долари, од кои поголемиот дел завршува во земјите во развој, пишува шведскиот весник „Гетеборг-постен“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа