Средба Ѓорѓиевски со францускиот амбасадор: Зајакнување на соработката меѓу Кисела Вода, ЗЕЛС и Франција

 


Денес во просториите на Општина Кисела Вода се одржа средба помеѓу Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и Амбасадорот на Француската Република, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. Во конструктивна атмосфера, се дискутираше на повеќе теми, а главен акцент беше ставен на досегашната успешна соработка меѓу Општина Кисела Вода и Франција, како и на можностите за нејзино продлабочување. Градоначалникот Ѓорѓиевски го запозна амбасадорот Ле Риголер со бројни иницијативи реализирани во изминатиот период, потенцирајќи ја отвореноста на општината за идна билатерална и проектна соработка.

Од аспект на ЗЕЛС, Претседателот Ѓорѓиевски го претстави начинот на функционирање на општините во Република Македонија, како и заложбите на ЗЕЛС за унапредување на децентрализацијата, зголемување на надлежностите на локалната самоуправа и градење партнерства со меѓународни чинители. Во тој контекст, беше истакната и важноста на воспоставувањето на поблиски односи меѓу македонските и француските градови, преку иницијативи за збратимување и размена на добри практики.

-Општина Кисела Вода е општина со брз развој, посебно во последните години, отворена за партнерства и нови идеи. Франција е земја со богата традиција и искуство во многу области, и затоа верувам дека преку продлабочена соработка можеме да донесеме нов квалитет во нашето локално делување. Верувам дека оваа средба ќе биде поттик за идни заеднички проекти и зближување меѓу нашите две земји, како на институционално, така и на општествено ниво-нагласи Ѓорѓиевски

Амбасадорот Ле Риголер ја поздрави отвореноста на Општина Кисела Вода и ЗЕЛС за меѓународна соработка, нагласувајќи дека Франција останува подготвена да ја поддржи размената на искуства и иницијативи. Тој ја истакна важноста од поврзување на француски и македонски општини преку конкретни проекти и збратимувања, оценувајќи дека ваквите партнерства претставуваат солидна основа за заеднички развој и приближување на двете земји.

22.05.2025 - 14:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега