Мицкоски од Желино: Гарантирам подеднаков развој на секој метар квадратен територија на Македонија

 


Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на пуштање во употреба на пат во Општина Желино, каде истакна дека се работи за „преубав настан и преубава можност“, нагласувајќи ја посветеноста на Владата за рамномерен развој на целата територија на државата.

„Јас немам што многу да додавам од тоа што го кажа и градоначалникот и министерот, ми преостанува само да му честитам на градоначалникот за фокусираната и посветената работа којашто ја врши. Да му се заблагодарам на секој еден којшто ја поддржува работата на градоначалникот бидејќи овие проекти се доказ дека одлично си ја врши работата како градоначалник“, изјави Мицкоски.

Тој исто така се заблагодари на министерот, членовите на Владата и пратениците за поддршката која ја даваат за владината програма, која подразбира реалоцирање средства од централниот буџет и фокусирање на реални проекти за граѓаните.

„Еден од тие проекти е овој на којшто денес ние стоиме, министерот кажа дека во вториот повик имаме повеќе од 2.5 милиони евра, проекти што ќе бидат финансирани за Општина Желино, а во првиот повик некаде над 800.000 евра, тоа е вкупно околу 3.3, 3.4 милиони евра директно од буџетот коишто ќе бидат финансирани за Општина Желино проекти“, потенцираше премиерот.

Мицкоски посака уште повеќе вакви проекти, истакнувајќи дека тие ги претставуваат реалните потреби на граѓаните и на македонската економија.

„Наша задача како Влада е да обезбедиме подеднакви правилни услови за развој на сите деловите од целата територија на државата, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци или останати. Нема делба, секаде подеднакво се развиваме и секаде подеднакво ќе инвестираме, додека јас сум претседател на Владата гарантирам подеднаков развој на секој метар квадратен територија на Македонија“, заклучи премиерот.

22.05.2025 - 11:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега