Дурмиши: Дигитализацијата ќе овозможи отворање нови работни места

 


Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се обрати на настан по повод одбележување на „Светскиот ден на безбедност и здравје при работа“

„Во услови на длабоки промени во светот на работата, глобализацијата, технолошките промени, новите бизнис-модели и слично, еден од најзначајните предизвици на Министерството за економија и труд е да дефинира кои лица, односно работници треба да бидат предмет на заштита и да уживаат соодветна заштита во работата.Брзиот развој на технологијата и дигитализацијата на деловниот свет во последната деценија овозможи отворање на нови видови работни места, кои пред десет години не можевме ни да ги замислиме.
Заедно со отворањето нови работни места, ќе има и промени на постојните работни места, што ќе бара работниците да развијат нови вештини и да се прилагодат на новите технологии и начини на работа. Тоа е затоа што новите технологии често го менуваат начинот на кој се работи и бараат различен сет на вештини“, рече Дурмиши.

Во таа насока а со цел полесно вклучување и прилагодување на работниците на потребите на пазарот на труд, односно стекнување на компјутерски вештини и дигитална писменост, заради зголемување на вработливоста и конкурентноста на пазарот на трудот со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година се предвидуваат повеќе мерки кои се однесуваат на обуки и развој на дигитални вештини, како што се обуки за напредни ИТ вештини, специјалист за вештачка интелегенција, специјалист за мрежи, обуки за дигитален маркетинг и современите технологии засновани на вештачка интелегенција.

Сите овие обуки, според Дурмиши ќе овозможат преквалификација, доквалификација на сите кои сакаат да се стекнат но и да ги унапредат своите вештини заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот и вклучување во новите трендови како што се дигитализација на работни места, бидејќи само на овој начин преку вложување во развој на дигитални вештини ќе отвориме нови работни места.

„Како министер, за економија и труд, кој има надлежност и улога да се грижи за унапредување на работничките права, во светот на дигитализацијата не смееме да го заборавиме работникот кој што треба да биде вклучен во секоја промена на секој технолошки развој. Мораме да бидеме свесни за тоа како технолошките промени влијаат на физичкото и менталното здравје на работниците. Односно да создадеме работна средина, работно место каде технологијата ќе служи за да ги подобри условите, но не и да го игнорира човечкото достоинство. Технологијата е тука за да ни помогне, но човечкиот фактор останува клучен. Наша задача е да осигураме дека дигиталниот напредок оди рака под рака со грижата за здравјето и благосостојбата на работниците. Напредокот и технологијата можат да создадат подобар свет, но само ако тој свет е изграден врз основа на безбедност, доверба и грижа за луѓето“, посочи Дурмиши.

Министерството во наредниот период, како што најави, ќе работи на подигнување на свеста, поттикнување на дебати и дискусии за важноста на безбедноста и здравјето при работа во оваа дигитална ера со посебен акцент на неопходноста да се има „пристап фокусиран на човекот“ при дизајнирањето, спроведувањето, управувањето и користењето на дигиталните технологии.

„Мора да ни биде јасно дека е клучно да бидеме проактивни во прилагодувањето на новите трендови и технологии за да останеме конкурентни на пазарот на трудот и да обезбедиме успешна кариера во иднина, за да можеме да ги задржиме младите во нашата земја но и да ги привлечеме оние кои се надвор од државата да се вратат и тука да ја креираат својата иднина“, истакна Дурмиши.

28.04.2025 - 12:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега