„Алкохолот може да убие“ - еве што да направите за да не си ја уништите новогодишната ноќ

 

Здравствениот систем е целосно подготвен да ја обезбеди потребната здравствена заштита за сите граѓани кои ќе имаат потреба за време на пречекот на новата година и претстојните Божикни празници.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.

Како што информираше министерот, во текот на новогодишната вечер Здравствениот дом-Скопје е организиран со осум пункта на територија на Град Скопје, при што ноќната дежурна служба ќе работи од вечер (од 20 часот) до  изутрина до 8 часот, а дежурни служби ќе има и на 2 јануари во пунктовите во Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Чаир, Битпазар, Идадија, Ченто, Јане Сандански и Драчево.

- Службата за итна медицинска помош денеска работи во прва и втора смена со девет екипи на терен, додека трета смена ќе биде ангажирана со 14 возила и екипи на терен. Значи, имаме двојно засилување на екипите на Итната медицинска помош кои вообичаено работат со седум до осум екипи во останатите денови. Исто така службата за ИМП утре во сите три смени ќе има девет екипи на терен, рече Тодоров.

Клиниката за ТОАРУ (трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар) каде вообичаено се згрижуваат најсериозните случаи при повреди од сообраќајки, тепачки, петарди и слично ќе работи со засилени екипи, а Институтот за трансфузиона медицина во текот на новогодишната ноќ и божикните празници располагаат со 1.785 единици крв, што е доволно да ги покрие потребите со крв.

Со доволен број дежурни тимови располагаат и сите општи и клинички болници и служби за брза помош во државата, додаде Тодоров.

Министерството за здравство и стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија подготвија препораки со цел помирно поминување на претстојните празници.

Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев на прес-конференцијата укажувајќи на препораките рече дека за празниците треба да се внимава на количината на внесените алкохолни пијалаци и тоа да не биде повеќе од 30 мл и една чаша вино или пиво.

Тој посочи дека оние кои внесуваат алкохол истовремено да внесуваат и храна.

- Со алкохол да не се земаат лекови и седативи. Се забранува алкохол да конзумираат помлади од 18 години. Ако се случи некој да претера со алкохол и притоа да се појави силно повраќање или пореметување на свеста, тој веднаш треба да се транспортира на Клиниката за токсикологија или во најблиската здравствена установа, рече Чибишев.  

Од алкохол, нагласи тој, може да се изгуби животот.

- Да не се претерува со внесување храна, да се внимава на онаа храна која содржи животински маснотии и сол. Ако некој почуствува стомачни тешкотии треба веднаш да побара лекарска помош, истакна Чибишев и додаде дека за новогодишните и божикните празници Клиниката ќе работи со засилена екипа и екипа на повик.

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Јасмина Чабуковска рече дека во текот на новогодишната ноќ главно во таа здравствена установа се примаат пациенти со повреди  здобиени во тепачки, сообраќајни незгоди и употреба на пиротехнички средства, кои се резултат на прекумерно конзумирање алкохол. Таа укажа на умерено внесување алкохол и храна во текот на новогодишната ноќ, кога на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ ќе бидат ангажирани дополнителни екипи.

31.12.2013 - 14:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега