Груевски најавува 20 нови странски инвестиции
Во 2014 година ќе продолжиме со уште посилно темпо со постојните и многу нови проекти и идеи за подобра, поуспешна и побогата Македонија. Македонија во која различните етникуми и религии опстојувале и во добро и во лошо и се помагале едни со други. Таа Македонија, ќе оди напред и во 2014 година, вели премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање.
- За 2014 година, во овој момент, веќе имаме неофицијална потврда на најмалку 20 нови странски компании дека во годината која доаѓа ќе почнат градба на нови капацитети во Македонија, а уште други десетина компании размислуваат да донесат таква одлука, и се надевам и дека и некои од нив ќе ја донесат. Ова се компании кои ќе донесат повеќе илјади нови вработувања во автомобилската индустрија, информатичките технологиии, земјоделието, текстилот, металургијата и производствените дејности. Но ние тука не застануваме, јас годинава ангажирав и трет министер задолжен за инвестиции, кој го остави својот бизнис и дел од семејството во Америка и дојде да и помогне на Македонија. Целта ни е насекаде низ Македонија, во секој град, во секое населено место да се донесат нови можности и нови шанси за нашиот народ, истакна Груевски.
Според Груевски, во однос на годинава која изминува, најважно е што растот на економијата се рефлектирал на ново намалување на невработеноста.
- Таа се уште е висока, но споредено со екстремно високата невработеност на почетокот на мандатот на оваа Влада, кога наследивме невработеност од околу 38 осто, намалувањето за околу цели десет процентни поени, на сегашните 28,7 не само што е историски најниска невработеност, туку се чини и максимум што можеше да се направи во едно тешко време на 5 и пол годишни светски и европски кризи, кога во најголем дел од земјите невработеноста растеше, посочува Груевски.
Премиерот вели дека Агенцијата за вработување по анкетирањето на сите регистрирани невработени, добила податок дека повеќе од половината од регистрираните невработени се изјасниле и потпишале изјава дека се пасивни невработени, и дека не сакаат Агенцијата да им нуди работни места. Ние, додава, ќе продолжиме активно да работиме на се што е во наша моќ да се отвораат нови работни места.
- Во 2013 година покрај повеќе домашни, придонес за намалување на невработеноста дадоа и ќе продолжат да даваат повеќе странски глобални компании како Ван Хул во Скопје кој веќе почна да произведува и извезува автобуси и планира вкупно 400 вработувања, Дракселмајер во Кавадарци кој секојдневно вработува нови луѓе со цел да ја стигне зацртаната бројка од 4.100 вработувања, Кромберт и Шуберт во Битола исто така, кој од 2013-та кон 2.500 вработувања, Џонсон Мети кој ја отвори својата втора фабрика која ќе овозможи нови над 200 вработувања, како и Џонсон контролс кој ја отвори својата втора фабрика во Штип проектирана за 1.400 вработувања. Новата американската фабрика од автомобилката индустрија во Кочани која веќе ги вработува првите 100 луѓе, а планира следната и годината по неа да вработи вкупно 1.500 луѓе, каде што прилично извесно е дека доаѓа уште една до две други, една кинеска и една холандска компанија, вели македонскиот премиер во обраќањето.
Премиерот вели дека инвестиции кои ќе помогнат во намалување на невработеноста, се Маккард од Германија, која пред две недели веќе потпиша договор со Владата и објави дека следната пролет ќе почне да градба на фабрика во Велес за најмалку 600 вработувања, рускиот гигант Протект груп кој јавно објави дека во април ќе ја почне својата втора фабрика, и италијанскиот Технохозе, кој, како што вели, веќе ја гради својата втора фабрика четирипати поголема од првата и по големина и по број на планирани вработувања.
- Годинава зад нас во Демир Хисар стартуваше и руската Гришко, која веќе вработи 80, а планира да стигне до вкупно 300 вработени лица, потоа компанијата од Дубаи во Ресен купи земјиште за изградба на откупен центар за овошје не само што ќе вработи 100 луѓе туку во значајна мерка ќе го апсорбира производството на јаболка од тој регион, Ван Пујен Брок, текстилна компанија од холандија во октомври веќе започна со производство во Илинден, Кофи каб од Тунис почна со огласи за вработување во кавадаречкиот регион за околу 150 луѓе..., истакнува македонскиот премиер.
Додава оти изминатава година Владата продолжила со реформите и во делот на подобрувањето на бизнис климата, поради што Светската банка ја рангира Македонија како 25. земја во светот, подобро пласирани пред дури 21 земја членка на ЕУ.
Годинава, вели, се реализирало и даденото ветување за исплатата на сите заостанати обврски кон стопанството, бил потпишан и договорот јужен тек со Русија со кој ќе се обезбедат многу поголеми количини на гас, за граѓаните кои од било која причина задоцниле, за нови девет месеци го продолжила рокот за откуп на дворните места по 1 евро квадрат, а за компаниите обезбедиле нови 100 милиони евра за кредити со субвенционирана камата од 5,5 проценти.
- Од економски аспект 2013 година беше година на постепено закрепнување на Македонија од ударот на европската должничка криза. Иако истата се уште е актуелна, сепак во годината зад нас имаше мало подобрување во европски рамки. Тоа мало подобрување во европски рамки, Македонија го искористи солидно и макроекономски гледано извлековме прилично поволен резултат, вели премиерот Груевски.
Истакнува дека според податоците за првите 9 месеци, споредено со сите земји во Европа, Македонија забележала четврт најголем раст на економијата од околу 3,4 осто. Истовремено останала и четврта најмалку задолжена земја во Европа со државен долг од 34,5 ото од БДП, а, вели, буџетскиот дефицит кој е проектиран на околу 3,9 осто е одржлив и следната година ќе биде и помал.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа