Новогодишно обраќање на претседателот Иванов
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на сите граѓани на Република Македонија во татковината, но и надвор од неа, им посака среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.
- На прагот сме на новата година. Тоа е можност да се потсетиме на успесите што сме ги постигнале, предизвиците со кои сме се соочиле, но и да бидеме благодарни за нештата со кои сме дарувани. Љубовта на нашите најблиски. Топлината на нашите домови. Мирот, безбедноста и сигурноста на нашата татковина Македонија, вели во новогодишното обраќање претседателот Иванов.
Ова е време на обновена решителност, оптимизам и надеж, нагласува тој, време на солидарност и милосрдност кон помалку среќните и кон изнемоштените, но, и време на благодарност кон храбрите чувари на нашата безбедност, поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.
- Драги сограѓани, како држава славевме победи и се соочувавме со падови. Бевме признавани, но и блокирани. Но, најважно од сè, остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби. На тој наш пат не смееме да заборавиме дека, каква Македонија ќе градиме, таква ќе ја имаме. Затоа, во сè што правиме, да го вложуваме најдоброто од нас. Како родители и деца, соседи и пријатели, како учители и ученици, работодавачи и вработени, да бидеме полни со љубов, жедни за знаење и посветени на успехот. Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување. И најважно од сè, да се престигнуваме во добрина, е пораката што ја упати во новогодишното обраќање претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа