Кои настани ја одбележаа културата во 2013?
Maкедонската информативна агенција (МИА) направила избор на 5 настани кои ја одбележаа културата во 2013 година:
Македонскиот народен театар на нова адреса
По речиси седумгодишна изградба, на 7 декември беше свечено отворена новата зграда на Македонскиот народен театар, кој се врати на местото на кое беше до 1963 година. За отворањето на новиот објект на брегот на Вардар беше изведена претставата „Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш, специјално напишан за оваа пригода и избран на конкурс, и во режија на Дејан Пројковски. Покрај темата симболизирана во насловот, претставата ги прикажа и сите технички можности на новиот МНТ. „Запишано е! Од Ерусалим во Македонија ќе појдеш“ е првата реченица на новата сцена, која ја кажа актерот Петар Темелковски.
Преведувачки подвиг - Шекспир интегрално на македонски
Сите 37 драми и 154 сонети на Вилијам Шекспир првпат се објавени интегрално во една книга преведени на македонски од Драги Михајловски, проф. од Катедрата за англиски јазик, кој 30 години го преведува овој светски драматург. Обемната книга од 1650 страници има и предговор на Михајловски за творечките особености на Шекспир и посебни текстови за секоја драма и прилог за сонетите. На промоцијата во Друштвото на писателите на Македонија, писателот Венко Андоновски рече дека се работи за преведувачки подвиг и културен настан рамен на преводот на Светото писмо. Михајловски ја доби и годинашната награда за превод „Григор Прличев“.
Трајно зачуван опусот на првите балкански сниматели
Кинотеката промовирше ДВД со реставрираните и дигитализирани филмови на Јанаки и Милтон Манаки, првите сниматели на Балканот. Ги содржи 42-та филма кои браќата ги снимале со „Камера 300“ во првите години на 20 век. Нивното творештво беше реставрирано во 2012/2013 година во филмска лабораторија во Будимпешта, а потоа објавено на ДВД. На снимките е овековечена баба им Деспина, која преде во родното село Авдела, и важни историски настани: посетата на турскиот султан Мехмед Петти Решад на Солун и Битола; романска делегација во Битола; доаѓањето на Александар Караѓорѓевиќ; погреб на митрополитот Емилијанос од Гревена; паради, свадби и обичаи...
Четрсе прифатено од УНЕСКО
На репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО првпат е прифатена апликација од Република Македонија - ритуалот „Четрсе“ - вековен обичај во Штип на верскиот празник Св. 40 Маченици на 22 март. Луѓе од сите генерации тогаш го искачуваат Исар, попат се поздравуваат со најмалку 40 луѓе. Младите собираат и 40 камчиња, 39 ги фрлаат во Брегалница, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето, ќе го сонуваат животниот сопатник. Националната комисија на УНЕСКО очекува прифаќање и на другите две апликации - машкото соборско оро „Копачка“ и двогласното машко пеење „Гласоечко“, исто така поднесени во 2011.
Полиција во Музејот на Македонија
Наспроти археолошките истражувања и откриените наоди од 20-ина локалитети, првпат воведените конзерваторски лиценци, борбата со дивите копачи и акциите „Фаланга“ против трговија со древни предмети, овој случај фрли сенка на културата во 2013. Од депоата на Музејот на Македонија, установата формирана за да ги чува и заштитува, снема над 160 вредни артефакти, а истрагата, која е се уште во тек, утврди пропусти и во обврската музејските експонати да бидат евидентирани. Најновите случувања и донесоа негативна репутација на оваа национална институција, која во последните два месеца се спомнува во билтените на МВР наместо во рубриките и емисиите за култура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа