Светот денеска ја дочекува новата 2014 година

 

Стотици милиони луѓе во светот вечерва ќе ја испратат 2013 и ќе ја пречекаат Новата 2014 година.

По примерот на светските метрополи, традиционално, највеселата ноќ ќе биде пречекана и на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во другите градови во земјава.

На скопскиот плоштад вечерва ќе настапат македонските музички ѕвезди - Калиопи, Тијана Дапчевиќ, реобединетото музичко дуо „Куку Леле“ и младиот изведувач на народни песни Мустафа Имери.

Новогодишниот концерт ќе почне во 21 часот и треба да трае до раните утрински часови. Точно на полноќ, небото над Скопје ќе биде осветлено со спектакуларен огномет.

Најмладите посетители ќе можат да се забавуваат театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со детски песни.

Новогодишната елка годинава “никна“ на нова локација, меѓу Градскиот трговски центар и споменикот „Воин на коњ“. Висока е околу 18 метри, во златна боја, украсена со материјали кои наликуваат на конфети. На улицата „Македонија“ се растегнати долги нишки со светилки и новогодишни украси - топки. На плоштадот „Филип Втори“ на влезот во Старата скопска чаршија поставена е елка во сребрена боја.

Градските власти и полицијата апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на петарди на новогодишната ноќ. За време на пречекот, во центарот на Скопје ќе има зголемено присуство на полиција.

Новата 2014 година први ќе ја пречекаат жителите на тихоокеанските острови Кирибати и Тонга и земјите на далечниот Исток, а последни или неколку часови по нив жителите на западниот брег на САД и Аљаска. 

31.12.2013 - 08:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега