Посвојување за 5.000 евра и нотарски запис-Петмина под истрага за трговија со дете

 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе при МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица. Според описот во диспозитивот на наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Трговија со дете“.

-Кон средината на минатата година, две од осомничените и непознато машко лице, заедно и по претходен договор со осомничената која била бремена со своето седмо дете и се наоѓала во тешка финансиска состојба презеле дејствија со цел да извршат незаконито посвојување на нејзиното новороденче за сума од околу 5000 евра. Двете од кои едната била евидентирана како згрижувач на деца, во повеќе наврати финансиски ѝ помагале на осомничената трудница исплаќајќи ѝ пари за месечни трошоци во висина од 250-270 евра, а за да ја следат здравствената состојба на бебето ѝ плаќале и ѝ организирале лекарски гинеколошки прегледи во Куманово и Скопје. Во меѓувреме ја запознале со осомничениот брачен пар кој требало незаконски да го посвои детето. По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, првосомничениот ја одбил нудејќи ѝ уште 1000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него, инфромираат од ОЈО и додаваат:

-Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи мерки кои судот ги прифати и определи мерка притвор за првоосомничениот и родилката, додека на останатите три лица им определи мерка куќен притвор, се вели во соопштението.

06.03.2025 - 18:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега