Таткото возел со 140 km/h, загина тримесечно бебе во Србија: „Од возилото испаднаа жени со бебиња во раце“
Тримесечно бебе загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи во саботата на патот Зрењанин-Лазарево, во Србија.
Несреќата се случила околу 14 часот и 15 минути кога автомобил со шест лица, меѓу кои и две бебиња, излетал од патот во нива.
Според информациите од истрагата, до несреќата најверојатно дошло кога возачот на автомобилот, таткото на загинатото бебе, кој има само пробна возачка дозвола, се обидел да го заобиколи возилото пред себе, по што изгубил контрола над автомобилот и излетал од патот во блиската нива.
Неофицијални извори тврдат дека возачот во моментот на несреќата возел со брзина од околу 140 km/h, што е значително над дозволената брзина на тој дел од патот.
„При превртувањето, кое се случи повеќе пати, од возилото испаднаа жени кои седеа на задното седиште со бебиња во раце“, изјави извор близок до истрагата, пренесува Блиц.
На фотографиите од местото на несреќата објавени од страната на Инстаграм 192_rs се гледа целосно уништено возило.
Според последните информации, полицијата го привела возачот Ј.К., татко на починатото бебе, кој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа