Тошковски: Ќе има нов пристап за сообраќајни прекршоци преку СМС известувања и камери на црни точки
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, беше гостин на трибина со наслов „Суштината на проблемот-Лоши закони или лоша примена?“, и истакна дека се работи на имплементација на нови и ефикасни решенија за подобрување на сообраќајната култура и безбедност, како што е системот „сејф-сити“.
Тошковски додаде дека овие решенија ќе обезбедат транспарентност, фер третман за сите прекршители и зголемена ефективност во примената на закони, но ќе се соочи и со проблемите кои произлегуваат од судската пракса и селективната примена на законите.
„Она што јас како министер за внатрешни работи го говорам, и во рамките на техничката влада и особено во рамките на оваа Влада која се зафати да ги решава проблемите од минатото, е дека кога говориме за сообраќајна култура и сообраќајни прекршоци и нивна примена, слободно можам да кажам дека имаме нефункционален систем кој треба да продуцира резултати од интерес за македонските граѓани“, изјави Тошковски.
Тошковски додаде дека системот е долго време руиниран, што предизвикува огромен гнев кај народот поради катастрофалните слабости, а праведно бара решение.
„Факт е дека системот е руиниран многу долг временски период, и сега сме оставени во ситуација каде што вакви грозоморни несреќи го привлекуваат вниманието на јавноста со право. Гневот кај народот е огромен и народот со право е гневен. Гневен е затоа што гледа дека слабостите на системот се катастрофални и нормално бара решение“, истакна Тошковски.
Тошковски истакна дека уште од првиот ден на формирањето на Владата се работи на имплементација на системот „сејф-сити“, кој треба да обезбеди системско решение за проблемите од минатото, каде што сите прекршители ќе бидат евидентирани и ќе се преземат соодветни мерки.
„Од првиот ден на формирањето на оваа Влада, работиме на имплементацијата на системот „сејф-сити“, кој треба да продуцира решение за проблемите од минатото. Со имплементацијата на „сејф-сити“, овие проблеми кои се наталожени во минатото треба да бидат процесирани во рамки на едно системско решение, решение во кое што не ќе може да влијае никој, туку секој прекршител кој ќе вози со недозволена брзина, ќе паркира на забрането место или ќе управува нерегистрирано возило, ќе биде евидентиран од самиот систем и ќе се преземат соодветни мерки“, додаде Тошковски.
Тошковски истакна дека најголемиот проблем при имплементацијата на проектот се судовите, бидејќи судската заштита за секој прекршок што бара одземање дозвола или поголема глоба е неизбежна, а бројките на сообраќајни прекршоци се катастрофални.
„Повторно ќе се соочиме со најголемиот проблем во имплементацијата на овој проект, а тоа се судовите. Согласно устав, знаеме дека мора да има судска заштита за секој прекршок кој бара одземање возачка дозвола или изрекување поголема глоба, и тоа не можеме да го прескокнеме. Кога имаме бројка од 19 илјади луѓе кои управувале моторно возило без возачка дозвола и никогаш не ја положиле, факт е дека бројките се катастрофални и континуирано се лоши многу години наназад“, кажа Тошковски.
Тошковски напомена дека Владата одвои средства за имплементација на проектот не само во Скопје, Куманово и Тетово, туку и на цела Македонија, поставувајќи камери на „црни точки“ за зголемување на сообраќајната култура и спречување на прекршоци.
„Добро е што Владата одвои средства за имплементација на овој проект не само во Скопје, Куманово и Тетово, туку на територија на цела Македонија. Битолчани, стружани и велешани заслужуваат современ систем кој ќе ја зголеми сообраќајната култура. Секојдневно темелно работиме на поставување камери на местата каде што треба да бидат поставени, најголем дел од нив на црни точки кои веќе ги констатиравме во минатото. Кога возачите ќе знаат дека има камера која ќе го констатира секој прекршок, не верувам дека во иднина ќе си дозволат да развиваат брзини три пати поголеми од пропишаните“, рече Тошковски.
Тошковски додаде дека постои сериозен проблем во судската пракса, каде што понекогаш казните за прекршочни дејствија кои доведуваат до загуба на живот се премногу благи, како казната од 6 месеци затвор.
„Јас лично, а и врз основа на сите анализи, гледам огромен проблем во судската пракса, во квалификацијата на одредени дејствија од страна на обвинителите и изрекувањето на санкциите од страна на судовите. Како министер за внатрешни работи не би требало да навлегувам во конкретни судски пресуди, но факт е дека имаме пресуди каде што дошло до загуба на човечки живот, а некои луѓе, додека биле во затвор, сториле таков тип на прекршок и за тој прекршок добиле казна од 6 месеци затвор“, изјави Тошковски.
Тошковски истакна дека еден од најголемите проблеми е селективната примена на законите, каде што казните се различни во зависност од тоа дали јавниот интерес бил транспарентно споделен.
„Еден од најголемите проблеми е селективната примена на законските одредби во зависност од тоа дали одредено лице требало да му се удовли во минатото или не. Онаму каде што јавниот интерес бил транспарентно споделен, може да се забележи дека казните се сразмерни. Таму каде што тоа не било случај, прекршителите се излекуваат со казни кои се несразмерни во споредба со другите“, истакна Тошковски.
Тошковски истакна дека се предвидува ефикасна постапка со СМС известувања за прекршок, каде прекршителот ќе може да потврди прекршок со линк и слика во рок од 24 часа.
„Предвидуваме ефикасна постапка за комуникација помеѓу прекршителот и МВР, каде што прекршителот ќе добие СМС известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со која ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок“, кажа Тошковски.
Тошковски додаде дека имплементацијата на практични решенија ќе донесе подобри резултати кои значат спасени човечки животи.
„Кога ќе ги имплементираме сите практични решенија кои беа споменати на јавната дебата и кои не се однесуваат само на закони и нивната примена, туку и на подобрување на пешачките премини, раскрсниците и зелените бранови, ќе добиеме многу подобри резултати кои на крајот не се бројки, туку човечки животи“, заклучи Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа