Возачот кој ја прегази Фросина бил осуден да оди во Поправен дом

 

 

20 годишниот возач кој синоќа ја прегази 22 годишната Фросина на пешачки премин на Партизанска во Скопје е претходно осуден за трговија со дрога.

Но судот го судел како помлад полнолетник и му досудил блага заводска мерка- упатување во воспитно поправен дом во Тетово. По пишувањето во дел од медиумите дека возачот е претходно познато на органите на прогонот но притоа според пишувањата обвинителството не преземало соодветни мерки за да го гони, се огласи јавното обвинителство кое соопшти дека биле преземени сите мерки, осомничениот бил држен во притвор за време на истрагата и судскиот процес, но бил ослободен од притвор по одлуката на судот да пресуди упатување во поправна установа а не во затвор. “ОЈО Скопје поднесе обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор која по предлог на обвинителството беше определена од самиот старт на постапката, и тоа за две кривични дела од член 215 од Кривичниот законик - Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече - заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник.

Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка”, велат од јавното обвинителство. Се уште нема став на судот во врска со случајот како и образложение зошто е досудена ваква пресуда за лице кое е полнолетно и кај кое е пронајдена дрога подготвена за продажба.

30.01.2025 - 19:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега