Перински: На Скопје му ги знам сите проблеми
Максимално сум посветен на сегашната функција, особено сега кога фокусот ми е на прашањето околу законските измени кои ги отвораме после 20 години од примената на Законот. Зошто изразив амбиција за градоначалничкото столче? Затоа што ги знам сите проблеми со коишто се соочува Градот и јавните претпријатија и на дневна основа комуницирам со сите оние коишто се засегнати. Верувајте ми, после октомври, кој и да биде новиот градоначалник, ќе се соочи со многу работи кои тогаш ќе излезат на површина, на виделина, кои сега не ги гледаме, а се реалност, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински во вечерашното гостување на Сител ТВ.
„Неколку пати досега кажав, на Градот му треба системски пристап на решавање на проблемите кој во целост ќе го реши јавниот превоз, кој пак е врзан со проблемот со загадувањето, кој пак зависи и од локалната и од централната власт и двете нивоа на власт треба заеднички, паралелно да го решаваат ова прашање. Имам многу идеи во глава, имам направено апсолутно целосно модел за рекомпонирање на јавните претпријатија, за зголемување на функционалноста во испораката на услугите кон граѓаните, но и за поголема ефикасност и ефективност на работните процеси. Како ќе одлучи мојата партија, така и јас ќе ја почитувам таа одлука. Кој и да биде потенцијалниот кандидат, препорачан од страна на мојата партија, јас сум сигурен дека е извесно дека тој ќе биде новиот градоначалник на Град Скопје. Сите колеги кои имаат амбиции за градоначалничкото столче, јас навистина ги охрабрувам, дури и оние кои не размислувале на оваа тема. Така ќе продуцираме квалитет, добро е да имаме повеќе потенцијални кандидати, тоа е здрав процес. Колку повеќе луѓе ќе се вклучат, толку подобар и посоодветен кандидат ќе избереме. Јас во ниту еден случај нема да дозволам моето име и презиме да фигурира во некој внатрепартиски конфликт, не гледам потреба од такво нешто, ниту пак ќе дозволам тоа да се случи“, додаде Перински.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа