Кривични пријави против одговорните во КЈП „Водовод“ и во Општина Кочани ќе поднесе Граѓанскиот одбор против загадувањето од депонијата
Членовите на Граѓанскиот одбор против загадувањето од комуналната депонија во Кочани ќе поднесат кривични пријави против директорката на КЈП „Водовод“, градоначалникот и овластените комунални инспектори во Општината, откако втор ден камиони на комуналните претпријатија од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево исфрлаат отпад на депонијата.
Од Одборот наведуваат дека нивната постапка е предизвикана поради грубото кршење на волјата на граѓаните, сублимирана во едногласната одлука на Советот на Општина Кочани дека на градската депонија во Кочани не смее да се исфрла ѓубрето од другите општини.
-Градоначалникот и директорката ги имаат пречекорено службените овластувања и ја злоупотребија функцијата со тоа што дозволија дејства спротивни на одлуката на Советот на Општина Кочани. Исто така, комуналните инспектори несовесно ја извршуваат својата работа. Бараме одговор дали и кога градоначалникот потпишал меморандум за преземање отпад од соседните општини, по чие барање и врз основа на кој закон соседните општини доаѓаат со полициска придружба до депонијата што е во владение на општина Кочани, а дадена на управување на КЈП „Водовод“ и дали директорката е должна да постапува по неосновани усни наредби, истакна Венко Крстевски, претседател на Надзорното тело за мониторинг на комуналната депонија.
Поради непочитувањето на одлуката на Советот на Кочани, а со тоа и на граѓаните на Кочани, од Граѓанскиот одобор најавија нов протест што ќе се одржи в понеделник. Незадоволството ќе биде искажано со двочасовна блокада на една од главните сообраќајни крстосници кај ОУ „Св. Кирил и Методиј“, во централното градско подрачје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа