По 10 години мистерија: Малезија одобри нова потрага по исчезнатиот авион MH370

 

Малезиската влада објави дека одобрила продолжување на потрагата по исчезнатиот авион MH370 на Малезија ерлајнс, кој исчезна пред десет години.

И покрај долгогодишните напори да се пронајдат остатоците од Боингот 777, семејствата на многу жртви сè уште бараат одговори, наведува Би-Би-Си.

Малезискиот министер за транспорт Ентони Лок објави дека владата одобрила преговори за нов договор со американската компанија „Оушн Инфинити“, специјализирана за истражување на длабоки мориња.

Оваа компанија ќе ја спроведе потрагата по авионот, со услов плаќањето да се изврши само доколку се најдат остатоците.

Потрагата ќе опфати површина од 15.000 квадратни километри во јужниот дел на Индискиот Океан.

Претходната потрага заврши неуспешно во 2018 година. Исто така, меѓународната потрага, која траеше две години и чинеше 150 милиони долари, заврши во 2017 година без успех.

Летот MH370, со 239 патници, полета од Куала Лумпур во раните утрински часови на 8 март 2014 година, но изгуби контакт со контролата на летање помалку од еден час по полетувањето.

Радарот покажал дека авионот скршнал од планираниот курс.

Иако истрагите покажуваат дека авионот најверојатно се урнал во јужниот дел на Индискиот Океан, останува нејасно што ја предизвикало несреќата.

Делови од остатоците, за кои се верува дека се од авионот, се пронајдени на брегот на Индискиот Океан неколку години по исчезнувањето.

 
 
21.12.2024 - 18:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега