Владата издвои 20 милиони евра за рано откривање на болести на срце, бубрези и дијабетис
Потпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, заедно со директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова, денеска информираше дека еден милион и 200 илјади граѓани во следните две години ќе бидат повикани од своите матични лекари да направат превентивни прегледи за рано откривање на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања и дијабетис.
Како што информира владиниот потпарол, за оваа намена Владата одвоила 20 милиони евра. Превентивниот преглед содржи испитувања на анализа на крв и урина, ЕКГ, мерење на тежина, а пациентите односно граѓаните ќе треба да пополнат и прашалник што Фондот го изработи заедно со соодветните здруженија на лекари. На овој начин ќе се обезбедат информации, односно индикатори за тоа колку е здрава нашата популација и ќе помогне за планирање на следните политики и трошоци на ФЗОМ.
Инаку, кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетесот се трите најчести незаразни болести во земјата, најмногу лица заболуваат од нив и се прават најголеми трошоци. Смртноста од кардиоваскуларни болести е број еден, секое 12-то лице од вкупно 100 има некаква бубрежна болест, а секој петти од 100 има дијабетес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа