Голем број Македонци најлудата ноќ во годината ќе ја поминат во Истанбул и Париз

Истанбул и Париз се најатрактивните дестинации за Македонците за пречек на Новата Година. Како што пренесува МИА, по нив следуваат Прага, Будимпешта, Виена, Барселона и Дубаи.

Почетните цени на аранжманите се движат од 250 евра за Истанбул со вклучен авионски превоз, 450 евра за Париз со авион, од 120 до 160 евра со автобус за Будимпешта, Букурешт и Виена, додека од 500 до 900 евра за Барселона и Дубаи. 

- И годинава најголемиот интерес има за Турција. Го нудиме Истанбул со автобуски и авионски превоз. Скоро се е продадено. Има интерес и за Анталија каде одат помали групи или индивидуалци, а со автобус организираме тури за Прага со посета на Виена и Будимпешта. Имаме аранжман за Будимпешта со посета на Виена и авионска тура за Париз. Генерално, најголем интерес има за Турција и Париз, информираат од туристичката агенција „Фибула травел“.

Сепак, дел од туристичките работници велат дека Македонците се помалку се заинтересирани за патувања надвор од државата за новогодишните празници, а причината за тоа ја гледаат во намалената куповна моќ на граѓаните и фактот дека има само еден неработен ден.

- Интересот за Нова година е многу мал, односно на граѓаните куповната моќ им е толку многу намалена, а придонесува и тоа што Нова Година е само еден работен ден, во вторник. Многу е мал бројот на луѓето што ќе патуваат. Голем дел ќе останат веројатно во своите домови, оценуваат од „Орфеј“.

Најмал интерес кај Македонците има за аранжманите во домашните туристички центри. Причина за тоа, како што оценуваат од агенциите, е што повеќето од нив имаат станови или викендици во Охрид и Маврово, па оттаму и интересот за овие места е се помал.

Најбројни во Охрид ќе бидат туристите од опкружувањето, главно од соседните држави. Според информациите од хотелиерите, сите сместувачки капацитети веќе можат да се пофалат со одлична исполнетост. Цените варираат зависно од категоријата на хотелот и понудата, но главно се работи на тридневни и дводневни аранжмани, со вклучен пречек на Новата година и забава и за 1 јануари или втората вечер.

Хотелот „Климетица“ нуди тридневни и дводневни аранжмани со вклучен свечен пречек со свечено мени и неограничен појадок по цена од сто, односно 85 евра, додека во хотелот „Милениум“ веќе нема слободни аранжмани. Таму веќе место обезбедиле гости од Србија, Грција и домашни гости претежно од Скопје, по цена од 139, односно 99 евра за тридневен или дводневен аранжман, во двокреветна соба со свечено новогодишно мени и по пет пијалоци по лице.

Од стоте соби со кои располага хотелот „Силекс“ продадени се 80 на гости од Полска, Грција, Бугарија и од Турција, додека преостанатите 20 соби се резервирани за гости од домашниот пазар. Цената на тридневните аранжмани изнесува 145 евра, додека на дводневните 119 евра од лице, со вклучени празнични вечери. Полн е и хотелот „Белведере“ со гости претежно од Црна Гора, Бугарија и Албанија, по цена од 302 евра за две лица на режија три полупансиони со вклучен свечен дочек и реприза на 1 јануари.

Во кафулињата и ноќните клубови најавени се одредени намалувања на цените. Така, во ноќниот клуб „Ликвид“ пречекот ќе чини 1.200 денари со ладна закуска, апетисани, овошје и четири пијалоци, а илјада денари во „Објектиф“со вклучено неограничено јадење и два пијалоци. Во другите локали вообичаено е да се работи со отворен влез, со редовни цени на пијалоците.

За оние кои ќе решат Новата 2014 година да ја дочекаат на отворено организиран е дочек на Градскиот плоштад каде дополнителна атракција ќе биде лизгалиштето на мраз. 

26.12.2013 - 10:30
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега