Полицијата апсеше на повеќе локации, приведени 12 лица

 


Полицијата во текот на вчерашниот и денешниот ден апсеше на повеќе локации на територијата на Македонија при што приведени се 12 лица.

На 25.11.2024 во 20.40 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода С.А.(43),  С.М.(22) и У.К.(26), тројцата од Кочани и И.С.(37) од Пробиштип. При претрес во домот на С.А. во Кочани, во кој биле затекнати и С.М., У.К. и И.С., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, кафеава грутчеста материја, дигитална вага и пари во различни апоени. С.М., У.К. и И.С. биле затекнати при користење хероин и притоа, исто така со судска наредба, бил извршен претрес на У.К. и била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. Одземената дрога била дадена на вештачење, а лицата биле задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.11.2024 во 01.15 часот во близина на с.Богородица, гевгелиско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица го лишиле од слобода Д.Б.(25) од Република Турција. При преглед во возилото „шкода фабиа“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени осум лица мигранти од Сирија. Лицето било задржано во полициска станица, а мигрантите и возилото биле пренесени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 25.11.2024 во 12.00 часот во с.Неготино, гостиварско, полициски службеници од Полициското одделение Галате го привеле Н.Ќ.(34) од гостиварско Ѓурѓевиште, кој бил баран по потерница за издржување на затворска казна од една година за сторено кривично дело „тешка кражба“. Тој бил предаден во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната. 

На 25.11.2024 во 14.00 часот во ОВР Прилеп, од Казнено - поправната установа Затвор Прилеп било пријавено дека кај осуденикот Џ.В.(34) од Прилеп била пронајдена марихуана. Полициски службеници од ОВР Прилеп излегле на местото и ја подигнале дрогата за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 25.11.2024 во 19.35 часот на ул.„Тризла“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода А.А.(20) од Прилеп затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава. 

На 26.11.2024 во 01.30 часот на улица „Панче Попоски“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го привеле Ф.А.(39) од Гостивар затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок. 

На 25.11.2024 во 22.30 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.О.(48) од с.Трубарево, скопско, затоа што кај него биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 25.11.2024 во 15.55 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле Д.А.(20) од Скопје затоа што при преглед на патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена една пневматска пушка „гано-г-магнум“ T250 со калибар 4.5 мм, на која бил монтиран оптички нишан и за која немал потврда од надлежен орган. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.   

На 25.11.2024 во 20.00 часот на Граничниот премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода З.С.(39) од Република Турција затоа што при извршена пасошка контрола и проверка било констатирано дека меѓународната зелена карта за осигурување на полуприколката, прикачена на товарното возило „мерцедес“ со турски национални ознаки, кое го управувал, била фалсификувана. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка. 

26.11.2024 - 11:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега