Италија, Шпанија и Грција ги затворија амбасадите во Киев - се очекуваат руски напади

 


Италија, Шпанија и Грција денеска ги затворија своите амбасади во Киев поради американските информации за можен руски напад со беспилотни летала и проектили врз главниот град на Украина во текот на денот, јави украинската државна телевизија Суспилна.

Како што се наведува, податоците на украинското разузнавање укажуваат на можен руски комбиниран напад со беспилотни летала и ракети врз Киев, а не се смета дека потенцијалниот напад е поврзан со вчерашната промена на руската нуклеарна доктрина, пишува „Гардијан“.

Претходно утринава, САД привремено ја затворија својата амбасада во Киев поради „конкретни информации за потенцијален значаен воздушен напад“ во текот на денот, соопшти Стејт департментот.

„Како мерка на претпазливост, амбасадата ќе биде затворена, а на вработените во амбасадата им е наредено да се евакуираат на безбедно. Амбасадата на САД препорачува граѓаните на САД да бидат подготвени за итна евакуација во случај да биде издадена воздушна тревога“, се вели во соопштението, пренесе „Скај њуз“.

„Укринформ“ објави дека во Киев е во сила воздушна тревога и дека експлозии може да се слушнат во главниот град.

Украинската армија, исто така, ги предупреди граѓаните за беспилотни летала над Киев и беа активирани системите за противвоздушна одбрана.

20.11.2024 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега