Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на амбасадорот на Перу - потенцијал за развој на односите меѓу двете земји
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Перу, со седиште во Букурешт, Феликс Рикардо Денегри Боса.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова изрази уверување дека идниот развој на односите и соработката меѓу двете земји ќе претставуваат позитивен пример и предизвик за нивно постојано надградување со нови содржини во конкретни области.
Посочувајќи дека светот денес се соочува со бројни предизвици, претседателката порача дека меѓусебната соработка е од суштинско значење не само за просперитетот на двете земји, туку и за градење на посилна меѓународна заедница.
„Нашите држави и покрај географската оддалеченост, споделуваат значајни вредности и стремежи за мир, стабилност и развој, поврзани преку заемната посветеност на демократските принципи и правата на човекот, како и преку интересот за зајакнување на културните, економските и образовните врски“, истакна во поздравното обраќање претседателката Сиљановска Давкова.
Во своето обраќање амбасадорот на Перу, истакна дека двете држави споделуваат заедничките демократски вредности, промовирање на мирот, економскиот напредок и човековите права, со што придонесуваат не само за јакнење на сопствените држави туку и за глобалната стабилност.
Перуанскиот амбасадор ја истакна мултилатералната соработка и се заблагодари за македонската поддршка на кандидатурите на Перу во меѓународните организации.
Посочувајќи го безвизниот режим меѓу двете земји, тој изрази очекување за развој на туризмот во иднина. Амбасадорот ја потенцираше и улогата на малубројната перуанска заедница во земјава во јакнење на меѓусебните врски и зближување на народите.
На свечената церемонија, претседателката му посака на амбасадорот успешно вршење на мисијата и изрази уверување дека со неговото дипломатско искуство ќе придонесе во продлабочување на меѓусебното пријателство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа