Позицијата и опозицијата ги кршат копјата за законот за медиуми
Пратениците денеска ја почнаа расправата за законот за медиуми. Најпрво седницата ќе започне со дополнителниот предлог на Законот за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, а веднаш потоа планирано е да дебатираат и за законот за медиуми. И двата во второ читање.
Позицијата и опозицијата ќе продолжат да ги кршат копјата околу носењето на ваквите закони. Имено според владејачкото мнозинство, во изготвувањето на овие закони досега се потршошило најмногу време, од кога било претходно. Биле ангажирани сите заинтересирани страни, новинарски здруженија, експерти од Советот на Европа, ЕУ и ОБСЕ во голем број на јавни расправи. За разлика од нив опозицијата смета дека на Македонија не и е потребен заоконт за медиуми, а не изостанаа да обвинат и дека се чекало да помине Европскиот совет за законите да бидат ставени на дневен ред и дека со нив местото на Македонија на скалите за слобода на медиумите ќе биде уште подолу.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски образложи дека во овој период, како и во периодот кога се подготвуваат текстовите на законите, МИАО направи голем број консултации со сите засегнати страни.
- По консултациите коишто ги имавме со Здружението на новинарите на Македонија во изминатиот период добивме согласност за неколку теми коишто ги имаа тие како барања, забелешки кои беа доставени до МИОА. Се согласивме електронските портали да бидат изземени од овие закони и се согласивме за членот којшто се однесува на посебни забрани да биде дополнет со нов став, односно тој член да се однесува само во случаи коишто се пракса во ЕУ според човековите права. Се согласивме за функционирањето на јавниот радиодифузен сервис МРТ за наредните шест месеци да направиме работна група која активно ќе работи на оваа проблематика, детално да се разгледаат сите предности и слабости на постоечкиот систем за да може да се излезе со конкретен предлог како може да се подобри функционирањето, транспарентноста, деполитизацијата на јавниот радиодифузен сервис МРТ, рече Ивановски.
Уверува дека дијалогот со сите заинтересирани страни ќе продолжи за да се подобри легислативата. Повтори дека исто така се консултирани претставници на меѓународната заедница.
- За разговорите што ги имавме имаме поддршка и од ОБСЕ, од г-ѓата Дуња Мијатовиќ, од ЕУ, од Брисел, како и од Амбасадата на САД. Се надевам дека денешната дискусија ќе биде плодна и ќе ја водиме во насока за да се доби квалитетна легислатива – закони коишто ќе помогнат да се развие медиумскиот сектор во РМ каде што ќе донесе поквалитетни и посилни медиуми, рече Ивановски.
Го поздрави формирањето на телото кое се формираше минатата недела, за што се залагаше и Владата и Министерството.
- Да ве потсетам дека во првата драфт-верзија имавме и посебен член каде што се препорачуваше на медиумскиот сектор да се саморегулира, но по забелешките коишто дојдоа од надворешни фактори тој член беше изоставен со цел да не се постигне перцепција дека ние сакаме да го ограничуваме саморегулирањето. Напротив, ние го поддржуваме саморегулирањето и ги поздравувам сите оние што се дел од саморегулацијата и би ги повикал сите останати медиуми кои не беа на првото основачко собрание да се приклучат што е можно побрзо. Тоа е напредокот којшто Македонија може да го постигне, рече министерот за информатичко општество.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа