Европа бара единство: Шолц и Макрон за координација по победата на Трамп
Европската Унија мора да биде обединета и тесно координирана во поглед на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, изјавија лидерите на Германија и Франција откако разговараа за координацијата на нивниот одговор.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц му честитаа на Трамп за изборната победа, но ги истакнаа и предизвиците на неговата протекционистичка трговска политика и изолационистичката реторика отелотворени во слоганот „Америка на прво место“.
„Европската унија мора да застане заедно и да дејствува на обединет начин“, рече Шолц, додавајќи дека тој и Макрон тесно се координираат со другите европски шефови на држави и влади. Макрон на „Икс“ објави дека Берлин и Париз ќе работат за обединета, посилна Европа во „нов контекст“.
Постигнувањето на европското единство, сепак, ќе биде предизвик, особено затоа што Париз и Берлин во последниве години се имаат несогласувања за низа прашања, од финансирање зголемени трошоци за одбрана до трговија, особено тарифи за кинеските електрични автомобили.
Францускиот и германскиот лидер се исто така во деликатни позиции дома. Макрон изгуби голем дел од својата моќ по изборните порази оваа година, а Шолц се бори да ја задржи својата коалиција заедно.
Многу европски лидери пред изборите изјавија дека се загрижени за можната победа на Трамп со оглед на заладените трансатлантски односи во неговиот прв мандат, неговата силна критика кон НАТО, неговата амбивалентност за борбата на Украина против руската инвазија и неговите ставови за климатските промени.
Европа е особено загрижена за трговијата. Трамп минатиот месец рече дека акопобеди на изборите, ЕУ ќе мора „да плати голема цена“ за тоа што не купува доволно американски стоки.
Европа е загрижена и за промената на американската надворешна политика, пред се кога станува збор за војната во Украина. Трамп ја критикува американската помош за Украина, а пред изборите вети дека ќе стави крај на конфликтот уште пред да ја преземе функцијата, без да каже точно како.
Француските и германските министри за одбрана треба да се сретнат во среда во Париз, пред состанокот на десетици европски лидери во четврток во Будимпешта на самитот на европската политичка заедница, по што ќе следи неформален самит на ЕУ, исто така во Будимпешта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа