Масакр во близина на Сиетл: Убиени пет лица - осомничениот има само 15 години
Пет лица се убиени во масакр во куќа во близина на Сиетл, а за убиствата е осомничено 15-годишно момче, соопштија денеска властите на државата Вашингтон.
Во пукањето животот го загубија двајца возрасни и три деца, а едно девојче е рането, соопшти полицијата.
Портпаролот на Одделот на шерифот, Мајк Мелис, на новинарите на местото на настанот им кажа дека осомничениот е приведен без инциденти. Засега не е познат мотивот на злосторството, ниту дали сите инволвирани во овој трагичен настан се поврзани со семејството.
Замениците на Шерифот добиле повеќе повици за пукање во дом во Фол Сити, околу 16 километри источно од Сиетл. Пред да пристигнат лекарите на местото на злосторството, на жртвите им била укажана прва помош од соседот.
Осомничениот 15-годишник е однесен во малолетничкиот центар и во вторник или среда треба да се појави на суд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа