Претседателот Иванов го честита католичкиот Бадник
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат празникот на Раѓањето Христово –Божик според Грегоријанскиот календар.
- Овој голем празник на љубовта, мирот и на помагањето нè учи да живееме во простување и во милосрдие, да ги следиме врвните морални закони во нас и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината. Божик е време за мир, заедништво и добри дела. Време кога на нашите ближни им подаруваме љубов и добрина. Време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество. Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово – Божик на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата која ја живееме. И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и во другите, и креативна енергија за да придонесеме за севкупниот напредок на нашата татковина Македонија, вели Иванов во честитката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа