Нов состав на ДИК: Борис Кондарко избран за претседател

 


Собранието на денешната 16. седница донесе одлука за усогласување на составот на Државната изборна комисија (ДИК) по смената на власта во земјата а во согласност со изборното законодавство со кое, меѓу другото, се предвидува претседателот на ова тело да биде од редот на опозицијата. 

Со усогласувањето претседател на ДИК е досегашниот член Борис Кондарко, кој доаѓа на предлог на СДСМ, а потпретседател Абдуш Демири, на предлог на Беса. Членови се досегашните претседател Александар Даштевски (ВМРО-ДПМНЕ) и потпретседателката Дитмире Шеху (ДУИ) и Оливер Ристевски (СДСМ), кој исто така беше член на ова највисоко изборно тело.

Собранието донесе одлука за распишување оглас за избор на двајца нови членови на ДИК на местото на Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше член на ДИК а стана заменик - генерален секретар на Собранието, додека Радица Ристеска (СДСМ) заминува во пензија.  Огласот трае осум дена од објавување во Службен весник. 

На оваа седница се донесени одлуки за објавување јавен оглас за избор на заменик - директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, за објавување јавен оглас за именување на членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, за објавување јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за измена на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври", предлог на одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев" и одлуката за избор на претседател и за објавување јавен оглас за членови на Советот за граѓански надзор.

Пратеницицикте ги избраа членовите и нивни заменици на Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. 

Претседател на Комисијата за правична застапеност е Талат Џафери, пратеник на ДУИ, а членови Ѓорѓија Сајкоски, Дафина Стојановска, Антонијо Милошоски,  Александар Велјановски, Драган Ковачки, Драган Неделковиќ, Салим Сулејмани, Илир Демири, Сали Мурати, Миле Цеков, Фатмир Битиќи и Соња Мирковска. 

Пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ денеска кажа дека нејзината пратеничка група ќе го поддржи формирањето на оваа комисија, која, според неа, е резултат на соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ.

На седницата на натамошно читање беа дадени измени и дополнувања на Законот за експропријација, на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, на Законот за вработените во јавниот сектор, на Законот за административни службеници, на Законот за управната инспекција, на Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, за изменување на Законот за јавните претпријатија, за измени и дополнувања на Законот за заштита на конкуренцијата и на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка. 

Основна цел на предложените измени на Законот за експропријација е допрецизирање на постапката за експропријација во делот на постапување по предлогот за експропријација,
поставување на привремени застапници на сопственици на недвижности кои се предмет на експропријација и поништување на решенија за експропријација и раскинување на спогодби постигнати во постапката како и овозможување на продолжување на рокот за привремено заземање на соседно земјиште во услови кога се во тек изградба на објекти од стратешки интерес и други капитални објекти од јавен интерес.  

Со измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, по скратена постапка, се имплементираат препораките од Извештајот од 5-от круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на Комитетот MONEYVAL при Советот на Европа, усвоен во мај 2023 година, усогласување со законодавството на ЕУ, заклучок на Владата на Република Северна Македонија и др.

На дневен ред на оваа седница беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за медиуми, во прво читање.  

Дневниот ред беше дополнет и со измени на Законот за вино и Конечен извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“, за коишто ќе се расправа кога ќе се создадат деловнички услови, информираше потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.

Седницата ќе продолжи во 19:00 часот.

02.10.2024 - 13:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега