Ристески: Ќе ги вратиме младите со загарантирана работа


Приоритет на Владата и на Министерството за економија и труд е задржувањето на младите луѓе во земјава. Од следната година приоритет ќе ни биде не само да ги задржиме младите умови тука во државата, туку и да вратиме голем дел од нив со загарантирана работа или со поддршка на нови стартап компании и преку бизнис ангелите, да можат да се препознаат тие добри иницијативи за да се вратат младите луѓе и да отворат нов бизнис во Македонија, порача денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Нашите приоритети се отворање на нови 70 илјади работни места во наредните четири години за млади луѓе, 500 загарантирани работни места за најдобрите студенти од универзитетите во Македонија, како и нови даночни олеснувања на фирмите и компаниите во Македонија за вработување на млади. Предвидуваме и изработка на нови мерки кои ќе произлезат од Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд за отворање на нови бизниси и нови работни места пред се за младите луѓе кои во моментов живеат, работат и студираат во странство, изјави Ристески по завршувањето на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, во организација на Амбасадата на Словенија заедно со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската  студентска организација во Словенија (МСОС).

Посочи дека сите млади луѓе кои учествувале на денешниот настан во текот на наредната недела ќе бидат поканети во просториите на Министерството за економија и труд за да помогнат да се изработат нови мерки во делот на вработување на млади луѓе и новите мерки кои во текот на наредната година ќе ги спроведува Агенцијата за вработување. Мерките, како што кажа, се уште се во работна фаза и верзија, но годинава мора да влезат во програмите и буџетите за наредната година.

-Има голем дел од мерките кои се спроведуваат од Министерството и Агенцијата вработување кои не даваат големи ефекти. Со префрлање на одредени финансиски средства во буџетите за новите мерки кои ќе ги усвоиме до крајот на годинава, за наредната година ќе обезбедиме доволно финансиски средства кои ќе бидат пред се за враќање на младите луѓе во државата со можност да отворат свој бизнис, даночни олеснувања и олеснувања за новите вработувања во нивните фирми што би ги отвориле како стартапи во Македонија, појасни Ристески.

Прашан како се спроведува мерката за ограничување на маржите во овие два дена и дали инспекторите се на терен, Ристески рече дека од вчера, а и денеска инспекторите се поинтензивно на терен.

- Вчера беше првиот дена откако почна практично да се применува мерката. Според информациите кои ги имаме има одредени маркети и други продажни места каде прехранбените производи се намалени онака како што треба со соодветни етикети, меѓутоа има и каде не се почитува мерката. Во иднина заклучно со 31 октомври сите субјекти каде што нема да се почитува мерката ќе бидат санкционирани од страна на Пазарната инспекција, рече Ристески и додаде дека казните се доста високи.

Досега, како што кажа, нема казнети маркети бидејќи вчера беше првиот ден од спроведување на мерката.

25.09.2024 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега