Митева: СДС и ДУИ ја оштетиле државата за 1,3 милијарди евра - одговорност мора да има

7 години СДС и ДУИ го гледале само личниот и партиски интерес, наместо државниот, обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролката на партијата, Марија Митева на прес-конференција во партиското седиште повикувајќи се на извештај од Државен завод за ревизија рече дека СДСМ и ДУИ нанеле трајни штети врз иднината на државата.

-Покрај тоа што ја ограбиле државата, СДС и ДУИ нанеле трајни штети врз иднината на државата и поставиле Дамоклов меч над буџетската каса тежок 1.3 милијарди евра. Извештајот на ДЗР нотира и се повикува на Координативното тело за следење на арбитражните постапки кои произлегуваат од склучените односно ратификуваните меѓународни договори на Република Македонија, кое изработило анализа и утврдило дека доколку државата ги изгуби споровите, вкупен износ на средства што потенцијално би требало да се платат се во износ од 82.267.500 илјади денари или 945 милиони евра и 420 милиони долари, што ќе има импликации врз Буџетот во наредните години. Ревизијата нотира на потреба за утврдување на причините поради кои се покренати арбитражни постапки, со цел утврдување на одговорност, рече Митева.

Според неа, одговорност ќе мора да има.

-Иако ревизијата е направена 2023 година, власта на СДС и ДУИ тоа не го направиле, иако имале можност за тоа. Истото не е направено затоа што тие се причинител на проблемот. СДС и ДУИ со државата се однесувале без основна грижа и домаќинлук. Штетите кои Македонија може да ги има во иднина се огромни. Одговорност мора да има, рече Митева.

25.09.2024 - 12:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега