Љутков во Загреб: Македонија и Хрватска ја зајакнуваат соработката во туризмот


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Загреб оствари билатерална средба со 
министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, со што ја започна дводневната работна посета на Хрватска.

На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, беа разменети мислења за развојот на туризмот и унапредување на соработката меѓу двете држави. 

Министерот Љутков ја истакна одличната соработка меѓу двете пријателски држави, чии влади си даваат меѓусебна поддршка во сите области, вклучително и во областа на културата и туризмот. 

Македонскиот министер, пред својот хрватски колега ја презентираше трансформацијата на Министерството за култура, кое од оваа година го интегрираше и сегментот на туризмот, нагласувајќи ги приоритетите во работењето кои се во насока на развој на културен туризам – манастирски, спортски туризам и слично.

Министерот Љутков истакна дека имаме ресурси и желба да го развиваме туризмот кај нас, а искуствата на Хрватска, како една од водечките земји во областа на туризмот во светски рамки, ни се драгоцени и се од голема полза и значење за развој и поттикнување на македонскиот туристички потенцијал.

Љутков го информираше својот хрватски колега за македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, за кој е предвидено својата надлежност да ја прошири и во областа на туризмот и образованието. 

Министерот Главина на средбата го презентираше начинот на функционирање на системот и управувачката рамка во областа на туризмот во Хрватска, каде што има шест закони кои ја засегаат оваа значајна област. 

Хрватскиот министер истакна дека нашата држава има автохтона понуда и ценовна конкурентна предност што треба да ја искористиме. Тој информираше дека во овој момент, Хрватска спроведува реформа на управувањето со туризмот, при што нивен фокус е развојот на одржливиот туризам, како и засилувањето на квалитетот на понудата и позиционирањето на Хрватска како дестинација за цела година. Министерот Главина додаде дека размената на искуствата и знаењата во оваа област, за нив е исклучително важна и, како што нагласи, „затоа сме среќни што отворивме низа теми кои можат да придонесат за јакнењето на туризмот во нашите земји“.

Соговорниците се согласија дека е потребно активирање на Мешовитата комисија од областа на туризмот, која ќе биде одлична можност за споделување искуства и размена на практики во туристичката сфера.

Во рамките на посетата на Хрватска, министерот за култура и туризам Љутков денеска оствари билатерална средба и со хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, со која разговараа за можностите за унапредување на македонско-хрватските културни врски. Во текот на утрешниот ден, заедно со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска, ќе ги посети македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и местото каде што е закопан Панко Брашнаров, а вечерта во Концертната сала „Лисински“ ќе присуствува на концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

23.09.2024 - 13:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега